Извор: напис од списанието „Починка" од 1975 год.

Наслов

Дневник од нашата прва трансверзала

03.07.1975 год. (четврток) - Меѓуградската станица во Скопје. Мугри, малку по 4:30ч. Со мене е Климче, дошол да не испрати. Другите доаѓаат еден по еден. Тозо, Рас, а ете го и Штроле.

03.07.1975 год. (четврток) - Меѓуградската станица во Скопје. Мугри, малку по 4:30ч. Со мене е Климче, дошол да не испрати. Другите доаѓаат еден по еден. Тозо, Рас, а ете го и Штроле. Тука сме сите петмина. Последни совети, договори, проверки, малку хумор; потоа влегуваме во автобусот и тргнуваме за Тетово. Останува само Климчо со крената рака во воздухот и со усилена насмевка на лицето. Не доаѓа со нас, а сакаше, но ...

Во автобусот се е мирно, освен ние. Кришум не погледнуваат, чудни сме онака облечени, со тешки гојзерици, големи ранци и многу фотоапарати. Патувањето минува брзо. Во Тетово чекаме околу еден час на автобус за село Вратница. Има доста луѓе. Не загледуваат некои потпрашуваат, а потоа се чудат. До Охрид пешки, по планини! Зошто? Не личи на обично шетање. Времето не ви е баш убаво, горе ќе врне - ни велат. Конечно автобусот доаѓа и тргнуваме кон Вратница. Погледнувам кон Шара - убава е, голема ... Како ли ќе биде?

Љубезниот возач не остава кај мотелот пред Вратница. По едно кафе, сок, последни конечни подготовки и малку пред 8:30ч тргнуваме. На педесетина метри од мотелот, веднаш крај патот, го ставаме првиот знак, се сликаме и почнува качувањето. Навлегуваме во висока шума. Пријатно е, свежо. Наскоро, на првата поголема нагорница, паѓаат првите капки пот. Пешачиме со уживање, никој не брза, прв ден ни е и не треба да се заморуваме премногу.

Полека, полека се искачуваме над Вратничка река, а пред нас се открива прекрасна глетка која колку повеќе се искачуваме над Полог, станува се поубава и пораскошна. Лево од нас бучи реката сливајќи се долу низ вододерината, а горе бројни недостапни водопади што од ливадите прошарани со снежници се уриваат во неа.
Природата, убавото време и ведрото расположение прават неосетно да се искачиме моѓне високо. Веќе сме на шумскиот пат кој по два километри тука завршува пресечен со едно поточе. Домот не е далеку, но до него има стрм подем. Малку се одмараме и напред. За тоа се виновни заморот и шумските јагоди: слатки, миризливи. Ги има насекаде. Речиси се забораваме берејќи ги и покрај тешките ранци и стрмниот терен. Околу пладне зад нас останува и последната височинка до домот, сместен на огромна ледина, на работ на шумата.

Тука го почувствувавме студениот ветер што се спушташе од врвот Љуботен. Пред домот не пречекуваат синчето на домарот и неговите кученца. Влеговме внатре. Пријатно е, топло. Се сушиме, ручаме, малку разговор со чичко Никола, збогување со нив и тргнување кон првиот бивак, во близина на Козја стена. Сонце се уште има, но и ветер. Не загрижуваат маглата и облаците што се плеткаат, камења има се повеќе, незгодно е за одење. Маглата е се поблиску, почнува да студи, но не застануваме, зашто до бивакот има цели два часа. Љуботен ни подготвува не баш љубезен пречек. Горе на камењарот веќе сме во маглата што во бранови се спушта и се крева. Одвреме навреме далеку напред се покажува Козја стена, огромна, осамена и издигната стрма камена падина. Почнува да врне студен, ситен дождец. Молчиме и одиме. Напорно е. Мора постојано да се гледа долу, да не се стапне на погрешен камен, а ветрот и дождот се здодевни, нервираат. Конечно ете ја и Козја стена, под неа сме, но поради маглата се гледа само мал дел. На десетина минути од тука е седлото, а некаде во негова близина е и бивакот, но каде е? Го прашавме Тозо, бил лани тука, но тој само немоќно ги крева рамената: тука некаде е, близу, но маглава ... !?

На седлото сме, тука ветрот е најсилен, шиба. За миг се разбиструва. Така доволно Тозо да го здогледа единственото рамно парче земја погодно за бивак. Брзо ги местиме шаторите, а во меѓувреме се готви супа. Се сместуваме, супата не стоплува и легнуваме. Тишината ја нарушува единствено тресењето на шаторот и тропкањето на дождот. Изморени, брзо заспиваме, но не за долго. Под силните налети на ветрот, шаторот се урна. Штроле некако го наместува и повторно заспиваме. Но пак, некаде по полноќ, не разбудува чуден студ. Па тоа вреќите ни се мокри! Сите тројца, јас, Штроле и Рас се префрлуваме во шаторот на Илчо и Тозо. Петмина во шатор за тројца! А дува, врне, тесно. И покрај се успеавме да заспиеме. Спиеме испрекинато будејќи се да ги протегнеме здрвените нозе, раце и врат и да се префрлиме на друга страна. Некаде во мугрите престанува да врне, но ветер и магла се уште има.

04.07.1975 год. (петок) - Веќе е разденето и сите сме на нозе. Чудно, но изгледаме свежи, одморени, дури и расположени. Единствено времето не загрижува. По маглата тешко би го нашле патот. Што да се прави? Назад!? Не! Зарем се да пропадне заради неа? Да одиме - не може. Ќе чекаме, час, два, три ... Барем малку да се подобри времето. Здодевно е, нетрпеливи сме. Маглата си игра со нас. Одвреме навреме ќе се дигне дури над Козја стена, а потоа наеднаш ќе се стемни. Конечно, околу десет часот се разбистри доволно за да го видиме патот кон Ливадичко езеро.

Тргнуваме, нагоре, кон сртот на Шара. Магла има се поретко и веќе околу 11 часот напладне е ведро така што дури тогаѓ го видовме Љуботен и цела Шара, голема, недогледна. Лево и десно падини со прекрасна зелена трева и цвеќиња, назад осамениот Љуботен а напред верига од врвови што во далечината се губат во измаглица помешана со синилото на хоризонтот. Пријатно е да се пешачи по меката трева додека сонцето ни ги топли влажните коски, ранците, вреќите и облеката распослана по нив. Одиме мошне брзо, но поради честите качувања по секој врв седнуваме да здивнеме. Се уште не сме навикнати на висината и напорот па онака задишани, удобно се сместуваме потпрени на ранците. Вдишуваме со полни гради чист, планински воздух шетајќи со очите по мекото зеленило наоколу. Но само десетина минути и ... ајде, немаме многу време. И што ќе правиш, стануваш и одиш. А по некој се заборави, туку само трча напред, а ти не можеш да го стигнеш. Сакаш, но нозете натежнуваат.

На пладне го поминавме Ливадичко езеро. Прекрасно е, но премногу долу за да се симнеме, над стотина метри. Надолу е лесно, ќе се стркалаш, ама нагоре ... А навистина е убаво, не можеш да му се изнагледаш ... Е, да си останеш овде два-три дена, рај. Но треба да се оди понатаму. Ранецот на грб и оди, трчкај по Тозо. А тој само граби ... надолу, нагоре, се му е едно; ранецот како друг да му го носи. А речиси колку него е; и висок и широк.

Наближува пет часот. Не ручавме, гладен сум. Нервите ми се како старо, гнило јаже. Чувствував како нешто ме скокотка околу срцето. Јас и Илчо сме назад. Го гледам, неговото уморно лице, но молчи и оди ... ама знам што мисли, сигурно бара место за бивак.

Пред месноста Езерца, пак застануваме. Тозо, Штроле и Рас се стотина метри напред. Уште мислат да одат ...!? А под нив е многу убаво: езерце, вода, разни зелени ливадички. И блиску е, само педесетина метри под снежникот, надолу под поточето. Застануваат, не викаат. Остануваме тука да спиеме. Веќе е шест часот, а во близина нема друго место погодно за бивак, барем според картата. Ги местиме шаторите, Тозо спрема супа. Веќе мириса, мами ... готова е. Ја голтаме со сласт, онака врела. Чувствувам како со полнењето на стомакот ми се враќа силата. Штроле пали оган, мал но топол, драгоцен зашто студено е и покрај џемперите и ветровките. Вечераме хренвишли на жар, малку изгорени, но добро е. Очите ми се затвораат, подгледувам кон шаторите, станувам, ја земам вреќата, влегувам во шаторот ... Тишина е.

05.07.1975 год. (сабота) - Утро е, 4 часот, ведро студено. Сонцето само што не испилило на врвовите. Еден по еден стануваме. Скочанети. Сонливи, малку фискултура, трчаме наоколу и готово ... како кукуреци сме сите до еден дури пееме. И пак Тозо - какао, каснуваме, се пакуваме и тргнуваме, нагоре, накај Црн врв, Кобилица, надолу кон Лешница. Прекрасен ден со сонце но не е многу топло, дувка пријатно ветерче. Одиме побрзо од вчера. Се чувствуваме многу посвежи и посилни. Денеска пак исто како вчера. Врв по врв, горе, долу, по ливади, камења, расцветани карпи. Дури задоволство е да рипкаш по нив, ранецот не пречи, речиси и не се чувствува. Како да сраснал со тебе.

Под Црн врв, на една огромна падина - прва средба со овчарските кучиња. Не се баш гостољубиви па ги заобиколуваме. Веќе е речиси пладне. Кобилица е пред нас. Долу на падината многу овци, говеда, насекаде ги има, селата се блиску. Под Кобилица не зафаќа дожд, ситен, краток. Одспроти нас на Јелак - невреме, црни тешки облаци, светка и грми. Доаѓа кон нас. Оттука почнува трката со невремето. Ние на еден рид а тоа зад нас. Ние на следниот, а на претходниот веќе истура, татни. Од време навреме ќе не закачи некој облак, колку да не намокри. Така до Кара Никола. Е, тука почнаа маките. Не можеме да решиме како понатаму. Можевме да се спуштиме право надолу до с. Вешала, па по патот до с. Бозовец, а можеме и преку еден рид директно до Бозовец. Првиот пат ни се чинеше полесно, но едни овчарчиња ни рекоа дека долу во бачилото каде што требаше да поминеме има опасни кучиња. Затоа тргнавме од околу, заобиколувајќи го ридот и спуштајќи се по една стрмна ливада. Наидовме на едно патче кое во нивјето под ливадата ни исчезнува. Се заплеткуваме, никако да стигнеме до патот. Врти лево - десно, горе долу ... Едвај некако стигнавме.

Штотуку ни олесна, кога наеднаш повторно се стемни и почна да врне силно, со ветер, а и патот пак ни се загуби во нивјето. Одвај некако стигнавме до Бозовец. Здивнавме малку. Веќе беше изминал пет часот. Лешница е на другата страна преку реката на час и половина одење кое ни се стори вечност. Одиш, одиш, цел час и повеќе, а од неа ни трага. Прашуваме уште колку има? - Уште десетина, петнаесет минути, блиску е. Одиме петнаесет минути па пак ќе прашаме друг, а тој истото. Пред стемнување, околу 19:30ч стигнуваме. Една голема ливада, низ неа река, две куќи а околу стрмни шуми. Тоа е Долна лешница. Влеговме во рибарската куќичка. Внатре група рибари, Брко и уште тројца наши. Пепи и Миле се уште ги нема, а треба преку Шапка да донесат уште храна за патот до Маврово. Стигнуваат половина час по нас. Рибарите не пречекаа мошне љубезно. Не нагостија со грав, пржена риба, алва и малку ракија, а потоа ни го отстапија своето место покрај каминот. Се исушивме, ги пославме вреќите по подот и фотељите и ... веќе спиевме.

06.07.1975 год. (недела) - Иако вечерта околу 22ч почна да се разведрува, изутринава беше сосема облачно, заврна здодевно, есенски. Храната е разделена, ранците спремни, но дождот никако да престане. Околу пладне веќе не можевме да издржиме. Тргнуваме по дожд, сега веќе осумина. Се искачуваме по Пена кон бачилото Џинибег. На десетина минути пред него од соседниот рид, прилично високо, со заканувачки лаеж се спушти еден пес. Ја помина реката и се залепи за последниот од нас, за мене. Лае кружи околу нас, никако да се тргне. Дури му се придружи уште еден, малку помирољубив и не толку гласен, па заедно не чуваат. Повеќе од половина час изгубивме убедувајќи ги овчарите да ги приберат кучињата, а тие ни велат да не им обрнуваме многу внимание. Конечно еден чичко се симна до нас и не воведе во бачилото. Во меѓувреме дождот престана и почна да се ведри. Каснуваме, разговараме малку со овчарите, сликање и продолжуваме нагоре кон седлото под Титов врв. Веќе е сосема ведро. Со сонцето се враќа и доброто расположение.

Колоната полека се развлекува по бескрајните пасишта над бачилото. Околу 6ч се искачивме на седлото. Ќе останеме тука. А на Титов врв!? Зар пак да не се качиме како лани! Штроле, Илчо, Брко и Рас остануваат да го постават логорот а другите тргнуваме кон Титов врв. Чудно ни е качувањето без ранци, лесно. Ослободени од нивната тежина буквално се стрчуваме кон врвот. Титов врв, а особено неговото подножје Турчин, е прилично непристапен, што всушност е еден голем камењар. Пред самиот врв, од двете соседни котлини наближува магла. На врвот сме точно во 19ч. Мракот брзо доаѓа, маглата уште побрзо. Еден знак, парче чокочадо о куршум надолу, за да се спуштиме низ камењарот пред да се спушти маглата. За среќа стигнавме долу пред неа. Оттука беше лесно да се стигне до логорот. Таму не чека топла супа, па вечера ... и пак почна да врне. Шаторите како и обично пропуштаат па јас и Штроле се селиме во други два. Тесно е, нерамно, често се будам. Надвор е темно, по некоја ѕвезда ѕирка низ распарталавените облаци. Тивко е, застрашувачки тивко, но сепак убаво, мирно ...

07.07.1975 год. (понеделник) - Тивко сончево утро. Логорот се буди, живнува. Утринска фискултура, хигиена, појадок, пакување, тргнување и ... сонцето го снема во маглата. Но не ни пречи, има пат. Цел ни е планинската куќа пред Маврово. Патот е лесен, со благ пад, низ живописни ритчиња и долинки. Околу 9ч излегуваме на една висорамнина. Повторно не огрева сонце. На крстопат сме. По кој пат? Ја гледаме картата, мала дискусија, и тргнуваме по средното патче. Патем сретнуваме двајца средовечни мештани. Ги прашуваме. На прав пат сте, велат, одете само по пат и ќе излезете на Шутман. И одевме. Но не фати магла. Тозо и Пепи се чудат, нешто им е непознат теренот, како да сме згрешиле. Наидуваме на бачило, прашуваме. На Шутман сте, ни велат. Маглата полека се крева. Пред нас е огромен рид, речиси планина. Каде сме, каде да се оди! Ја гледаме картата, се враќаме малку назад, прашуваме и конечно ете ја Враца. Здивнуваме. Сега е веќе полесно, толку бараното бачило е пред нас, на една голема ливада.

Пладне е, пак почнува да врне. Веќе 6 часа пешачиме. Гладни сме, изморени а и по малку депримирани поради грешката. Пред Горно Луково поле застануваме, ручаме сува храна и расположението ни се враќа. Продолжуваме. Патот е ист. Бесконечни зелени ливади. Единствено дождот ни здодева одвреме навреме. Околу 17ч, пред Ќафа Кадис, тој престанува, огрва сонце, небото се бистри.

На зајдисонце стигнавме пред домот. Тоа е двокатна куќа подигната при градењето на браната во Маврово. Се наоѓа на една стрма падина, обрасната со висока, густа трева, преполна со скакулци, бубачки и разноразни инсекти. Педестина метри под домот - поток, еден од многубројните што се сливаат во езерото. Од другата страна, преку потокот на другиот брег, висока убава шума што се протега долж патот, следејќи го потокот се до Торбешки мост.

Во домот влегуваме низ прозорец, како што, изгледа, правеле сите кои минувале оттука. Се сместуваме, палиме оган во каминот, се сушиме и спремаме вечера. Како и обично во вакви ситуации расположението е максимално. Хумор, мноштво досетки а паѓа и по некоја караница, но ситна.
Околу 9ч сите заспиваме.

08.07.1975 год. (вторник) - Изутрина, по вообичаените работи и едно невообичаено чистење на домот, тргнуваме кон автопатот Охрид-Скопје. Времето е прекрасно, без ниту еден облак, од двете страни на патот шума што создава пријатна ладовина. На Торбешки мост стигнуваме по повеќе од час и половина пешачење. Илчо и Брко се жалат на нозете. За среќа, додека се одмараме, наидува Застава 101 и ги зема нив и дел од потешката опрема. Другите, малку олеснети, брзаме кон автопатот. Добро би било да стигнеме во Маврово што порано заради снимателот а и да се одмориме добро.

Топло е, патот е тврд, се раѓаат плускавци, петиците се набиваат.
Ќе мора да се најде друг пат до езерото. На автопатот излегуваме околу 11ч. Краток одмор и тргнување кон автобуската станица на 2 км оттука. Наидува Спачек, кревам палец, тој застанува, влегувам, среќен сум. Се надевам дека и другите ќе имаат среќа, но тие пристигнуваат дури околу 13ч.

Се улогорувам под мотелот во Маврови анови. Расположението пак е на ниво. Имаме половина ден за одмор и поправање на доста лошата хигиенска состојба како и за санирање на нозете.

Ги подигнуваме шаторите, се раскомотуваме, ги испразнуваме ранците и се спремаме за ручек. Се чувствуваме како на викенд. Се беше прекрасно: времето, езерото ... Тукушто ручавме дојде и снимателот. Не чекал уште од изутрина. Ја донесе камерата и снимањето започна. Ни рече - нека биде се спонтано. И беше! Спонтано ги растуривме и местевме шаторите; спонтано се миевме вторпат (првпат досега); спонтано се облекувавме, перевме, дотерувавме, менувавме маици (сето тоа вор а понекогаш и третпат). Потоа се договоривме изутрина да тргнеме во 6ч и да направиме уште некоја снимка горе над жичарницата. Приквечер отидовме во мотелот на малку „цивилизација" и она што оди со цигара. Пријатна вечера, спонтан разговор, времето брзо минува. Мораме да одиме на спиење. Заспавме спокојно, сигурни дека изутрина ќе станеме сосема суви ...

09.07.1975 год. (среда) - Изутрина шаторите беа водени дури од внатре, како да ја собрале целата роса. Уште малку и ќе се разочаравме во нив.
Набрзина се подготвувавме и без појадок со комби се префрламе до жичарата. Таму не пречекува шефот на хотелот и ја пушта специјално за нас. Со тоа ни заштеди околу 500 метри качување и доста сили. Горе пак почнува снимање, овојпат натоварени со ранци, шеткајќи горе-долу, лево-десно. Се збогуваме со снимателот и ... седнуваме да јадеме. Добар појадок, краток одмор и тргнуваме кон Галичник.
Времето е прекрасно, топло. Пак сонце и сино небо. Бистра е речиси пуста. Овде-онде по некое стадо и бачило. А насекаде бескрајни питоми пасишта, но неискористени. Наближува пладне, горештинат е се поголема, ранците се потешки. Добро би ни дошол некој облак.

Веќе сме на асфалтниот пат, Галичник е близу, на 3-4 км. Но долги се, жешки. На влезот во селото - чешма. Божји дар, како што велат старите. Студената вода ни ги враќа силите и свежината. Влегуваме во селото. Првпат сум тука. Од селото се простира прекрасна глетка кон водите на Радика што во далечината блескаат под пладневното сонце, стеснети помеѓу стрмните гори и падините на темнозелениот џин Кораб.

Премногу тивок е Галичник. Премногу стари полуразурнати куќи, старите луѓе, а само овде - онде по некое дете. Среде село - ресторанче, чешма и неколку пристари луѓе. Седат во сенка и разговараат.

Ручаме и околу 14ч тргнуваме кон Гари. Застануваме на првата чешма и го разгледуваме патот што ни престои до Охрид. Ако вечерва стигнеме во Гари, тогаш во с. Црвени води можеме да бидеме во четврток навечер или најдоцна во петок претпладне! Па што брзаме толку кога имаме време! Затоа на чешмата остануваме цел час и тргнуваме дури околу 3ч попладне. Сега не кон Гари туку кон Лазарополе. Ни рекоа дека од Галичник до Лазарополе има едвај два и пол часа пешачење. Заборавивме дека кога на тие два и пол часа ќе им се додадат обилниот ручек, горештината, ранците и фактот дека веќе седум дена пешачиме, тие два и пол часа се продолжуваат во најмалку 4. Патчињата, одамна некористени, одвај се препознаваат, лесно е човек и да згреши, особено ако е првпат тука, како ние.

Некаде околу 17ч сфативме дека сме ги прецениле можностите и теренот, но не по наша вина. Сега целта ни е да стигнеме само до с. Тресонче, пред Лазарополе. Во ридиштата над селото се мачиме додека го пронаоѓаме патчето за надолу. Некаде шума, некаде чистина, и некако, пред зајдисонце го здогледуваме Тресонче вгнездено меѓу два рида. Спуштањето низ последниот рид е прилично мачно. Оди, оди, никаде крај, а колената треперат. Веќе се стемнува на влегувањето. Одозгора, од ридот ни се чинеше мошне мртво, како божем жива душа да нема во него. А не беше така. Дури имаше и многу деца, како во летувалиште. Овде е навистина убаво за нив.
Потоа, како секоја вечер: местење шатори, спремање топла вечера и легнување. Веќе пред 9ч се е мирно. Ноќта е мирна, тивка, небото преполно со ѕвезди ...

10.07.1975 год. (четврток) - Не разбуди сонцето. Се забавивме појадувајќи и чекајќи да се исушат шаторите, мокри од утринската роса. Тргнуваме дури околу 8ч, нагоре по еден гол, стрм рид, кон Лазарополе.

Топло е, никаде облак. А и мувите ни додеваат, ги има во роеви. Не спаси шумата горе на сртот. Се спуштивме низ неа и веќе бевме на висорамнината пред Лазарополе. Не се задржавме многу. Десетина минути одмор, ладење на чешмата на влезот во селото, парче чоколадо и тргнуваме кон Гари. До таму води патче, низ шумат се искачува педестина метри, излегува на гол рид и оттука стотина метри надолу до селото. На влезот бевме прилично исцрпени од жешкото сонце и плускавците со кои си имавме мака уште пред Маврово.

Во Гари останавме околу 1 час ладејќи се на чешмата и одмарајќи ги нозете. Не чекаше тешко качување од околу 400 метри до бачилото Голема мегданица а потоа уште толку до врвот Бабин срт (2242 мнв) Тргнуваме околу 13ч, полека, покрај Гарска река, но пријатна ладовина. Убав е крајот околу Гари, шумовит, богат со вода, но сепак, селото мошне мртво, дури и сега, среде лето.

По краткиот ручек, малку пред 17ч, ја преминавме Гарска река и излеговме од шумата на една прекрасна долга ливада, на чиј крај се наоѓа бачилото Голема мегданица. Мислевме да се одмориме малку и да продолжиме натаму кон Бабин срт, но се премисливме кога ги видовме кожите и неколкуте овци, нападнати од волци среде бел ден.

Бачилото не е големо. 5-6 овчари, едно трло за овци, до него мала шталичка, кучка, едно криво куче и десетина кученца. Овчарите спијат ов нешто меѓу куќа и колиба. Ниска, наѕидана од земјани тули, покриена со слама и трска. Внатре под земја, 5-6 дрвени кревети, една маса, три клупи околу неа, во средината огниште. Темно е. Светлина влегува само низ доста ниската врата и низ пукнатините меѓу ѕидовите и покривот. Мошне незгодни се многуте греди на кои лежи покривот. Поставени се толку ниско што честопати, заборавајќи на нив, добро ги затресуваме.
Овчарите не примија најљубезно што можеа. Не понудија со густо слатко млеко, сирење и леб. Дури и ни ги отстапија сите легла иако баравме само парче тврда покриена земја. Поразговаравме со нив, речеравме и се спремивме така што изутрина да можеме, по појадокот, веднаш да тргнеме. Изморени од напорниот ден сонот, потпомогнат од топлото огниште, брзо не совлада.

11.08.1975 год. (петок) - Во мугрите, точно во 4ч не разбуди Миле со неговото будилниче. Набрзина каснавме, се спремивме и перд 5ч се качувавме кон Бабин срт. Бевме извонредно свежи, одморни. А и утрото беше како порачано за пешачење. Полека, заедно со сонцето, се искачувавме над зелените падини над бачилото. Во 8ч бевме на врвот. По вообичаеното сликање и маркирање, го почнавме големото спуштање по Караорман. Целиот тој предел, од Голема мегданица, подножјето на Бабин срт и самиот врв, па надолу, се до Алипашица, се е бескрајна трева. Дури во доловите лево и десно но и на крајот од Алипашица, одеднаш изникнуваат високи темнозелни шуми. Штета што, и покрај ведрото време, видливоста беше мала. Инаку од Бабин срт ќе го видевме Охридското езеро.

Рид по рид, ливада по ливада. Мошне брзо се спуштивме. Веќе во 10ч ја поминавме Алипашица и застанавме во шумата. Имавме доста време. Не ни се брзаше. А и бевме доста гладни. Ја истресовме од ранците сета преостаната храна и двопек. За час ја снема. Потоа се протегнавме на пријатното сонце и задремавме. Никогаш не ми било толку тешко да станам. Лежиш удобрно протегнат на вреќата, меко е, сонцето пријатно те топли, тревата мириса, полека те фаќа дремка ... Единствено мувите здодеваат и го расипуваат уживањето.

Некако околу 13ч се убедивме да станеме и низ шумата, по нешто како патче, тргнавме кон с. Црвени води. Одевме цело време низ шума, одвреме навреме излегувајќи на симпатични мали ливадички. Се движевме доста брзо благодарејќи на благиот терен и сенката. Но околу 2ч почнаа да се собираат прилично темни облаци, заканувајќи се да ни го расипат попладнето. Набрзо потоа наезда од комарци го навести блискиот дожд. Не само што заврна дожд, туку и еден незгоден град. Дождот, комарците, градот уште повеќе го забрзаа нашиот од, така што во Црвени води бевме малку по 4ч попладне. Штотуку влеговме во селото - престана дождот и огреа сонце. Се одморивме во продавницата среде село, разговарајќи со зачудените селани. По получасовниот одмор, бевме вкочанети па поради тоа спуштањето до автобуската станица на автопатот Охрид-Скопје беше доста мачно. Бевме малку нервозни и раздразливи, но чекајќи автобус расположението почна нагло да се поправа. Сите непријатности беа брзо заборавени. Пресреќни бевме што конечно го остваривме она што го сакавме, за кое толку долго се подговтвувавме. Си честитаме за остварената цел, последен знак, последни снимки, едно бесконечно долго чекање и околу 18ч на пат сме за Охрид.

Во извидничкиот камп ние сме единствени гости. Првин ги соблековме гојзерицит, па чорапите. Прекрасно чувство е да газиш слободно, бос. Па едно долго миење, спремање вечера и легнување, околу 22ч. Ни се чини дека ќе ја преспиеме цела сабота.

Стануваме сите уште во 6ч. Денес целиот ден е наш ... за одмор, за што сакаш. Па и заслуживме.

09 Јуни 2015

За авторот