Наслов

Дисциплинскиот „фен“ на Сер Алекс

За време на натпревар Сер Алекс делува напнато и сиот свој гнев го истура на невините гуми за џвакање. Во соблекувална тој ги плука мастиките и почнува да ги џвака играчите кои се виновни!

Долгогодишниот менаџер на Јунајтед е познат по неговиот незгоден темперамент, а малку повеќе за легендарниот „фен“ третман што Ферги го приредува на своите играчи открива Вејн Руни во својата нова книга.

Иако со текот на годините темпераментот на Ферги омекнал (којзнае каков бил како помлад) 70 годишниот лисец сè уште знае да откачи и да го истури неговиот бес врз играчите, вели Руни.

Терминот „фен“ е склопен од Марк Хјуз поранешниот играч на Јунајтед, а сегашен колега на Сер Алекс, кој легендарните викотници во соблекувалната ги компарирал со јачината на „фен“ завртен директно во вашата фаца.

Руни тоа го опишува како најлошата можна варијанта што може да ви се случи во соблекувална на полувреме или на крај. „Кога тоа ќе ти се случи, менаџерот стои во средината на собата и откачува. Доаѓа директно пред твоето лице и збеснато вика!“

Англискиот напаѓач детално го открива краткиот фитиљ на неговиот менаџер во неговата нова автобиографија „Мојата Декада“.

Најексплозивниот „фен“ на Ферги бил после изгубениот натпревар против Селтик во групната фаза од Лигата на Шампионите во 2006 година. Селтик воделе со 1:0, a Луис Саха во последната минута имал можност од пенал да го израмни натпреварот. За жал, утнал. Бидејќи Ферги има долгогодишно ривалство со Селтик, како играч и менаџер на Абердин, промашениот пенал го зоврело лончето, а Саха добил една добра доза на сушење во соблекувалната.

21 Ноември 2012

За авторот