Наслов

Де Гаспери со ново најдобро време на патеката Алања - Монтероса - Алања

Неколку денови откако заврши официјалната скајранинг трка во гратчето Алања, италијанскиот спортист Марко Де Гаспери направи самостоен обид за поставување на најдоброто време на „највисоката” патека во Западна Европа - од Алања до врвот Монтероса и назад.

Таканаречениот „небесен” маратон Монтероса има исклучително богата и важна историја во неговите анали. Истиот е основан од Марино Џианкомети кој се смета и за таткото на скајранингот - спорт кој во себе вклучува трчање и искачување на големи висини и висински разлики и совладување на екстремно тешки патеки. 

Во 90-тите години тој, заедно со неколку пријатели планинари и под покровителство од компанијата за спортска опрема и облека ФИЛА (FILA) успева да го развие скајранинг движењето и заедницата преку организирање на повеќе трки во светски рамки, од Мон Блан, Монтероса па се до Маунт Кенија и тибетското плато. Конкретно трката на Монтероса го има своето прво издание во 1993 година. 

Во период од 3 последователни години до 1995 година таа се одржува во оригиналниот формат - трка до врвот Монтероса 4554 мнв, и назад до гратчето Алања каде се минуваат 35 километри и неверојатни 3500 метри висинско качување и спуштање. Потоа следи извесен прекин за во 2002 истата повторно да се организира но само до месноста Пасо деи Салти на 2980 мнв. Од 2009 истата е дел од светската Скајранинг Серија.

Марино Џианкомети - основачот на спортот скајранинг

Идејата на организаторите беше да се врати оригиналниот формат на трка до врвот и воедно до највисокиот планинарски дом (објект) во Европа - Маргарита кој се наоѓа на самиот врв Монтероса. Во 2018 организаторите успеаја во намерата, но имаше извесни измени во правилата (поради безбедносни причини) кои условуваат пријавените да учествуваат во парови кои се во наврска. 

Врвот Монтероса и домот Маргарита 4554 мнв

Веројатно поради овие ограничувања, Италијанецот Марко Де Гаспери кој е добро познат во тркачките води како еден од најелитните спортисти во неговото поле во светот, реши да направи обид за ново најдобро време на патеката вон официјалната трка, неколку дена по настанот. 

Најдоброто време на оригиналната патека до врвот и во официјална трка го држи една од иконите на скајранингот Италијанецот Фабио Мералди кој има истрчано за време од 4 часа 24 минути, а во женска конкуренција тоа е Жизела Бендоти со 5 часа 34 минути - двата рекорди поставени во 1994 година. 

Фабио Мералди - 1994

Сепак, одличниот Де Гаспери успеа во неговата намера и патеката ја измина за неверојатни 4 часа и 20 минути - 4 минути подобро од Мералди. Иако ова нема да се смета за официјален рекорд на трката, туку единствено ќе влезе како ново најдобро време (fastest known time), сепак подвигот е вреден за споменување, особено ако се земе предвид богатата историја на оваа трка и патека. 

Во официјалната трка на 23 јуни 2018 настапуваше и Емили Фростберг која постави и ново најдобро женско време на патеката со 5 часа 3 минути но бидејќи според новите правила таа беше во пар, ова истотака нема да се смета за нов рекорд на патеката. 

29 Јуни 2018

За авторот