ДРУЖЕ, 50-вче СО РЕКОРДЧЕ 30.17!

Давор Петровски со нов рекорд на 50м пеперутка

Пливачите на Пливачкиот Ватерполо Клуб ОРИОН – Скопје викендов учествуваа на Меѓународниот Пливачки митинг „Бор Куп 2013″ во Бор, Србија на кој се натпреваруваа 320 пливачи од Бугарија, Македонија и Србија.

Пливачите на ОРИОН освоија 11 медали, а за одбележување е златниот медал на Давор Петровски во дисциплината 50 метри пеперутка со време од 30.17 секунди што претставува нов државен македонски рекорд за пливачи до 12 години. Петровски го освои златниот медал и во дисциплината 100 метри пеперутка, а сребрен медал во дисциплината 200 метри пеперутка.

Јана Серафимовска, во категоријата на пливачки родени во 2000та година, освои сребрен медал на 50 метри грбно и бронзен медал на 50 метри пеперутка.

Филип Деркоски се закити со три медали. Деркоски освои злато на 50 метри градно и две сребра на 50 метри грбно и 50 метри слободно.

Леонид Манолев освои два сребрени медали, на 50 и 100 метри градно.

Паола Укајдари во категоријата на пливачи родени во 2003тата година освои бронза на 50 метри слободно, а најуспешен млад пливач на митингот беше Јована Јовановиќ постигнувајќи ги своите најдобри резултати.