Дали зрачењето од мобилниот телефон е штетно за вашето здравје?

Сте се запрашале ли некогаш дали вашиот мобилен телефон произведува штетно зрачење особено откако ќе го оптеретите на 3Г и ќе стане „дел” од апаратите за загревање во домаќинството?

Бидејќи мобилните телефони стануваат неизбежен дел од електронските апарати што не опкружуваат (поточно се во нашиот џеб), се поставува прашањето за нивната безбедност т.е. за евентуалните последици кои би можеле да ги предизвикаат поради зрачањето кое го продуцираат.

Доколку сте од оние кои се плашат од евентуално радиационо зрачење од мобилните телефони кое може да биде штетно за вашето здравје, особено ако сметате дека би можело да предизвика рак, тогаш би требало да престанете да се грижите бидејќи досега сè уште се нема докажано врската помеѓу овие две работи. 

Во природата зрачењето може да се подели на две групи: јонизирачко во кое спаѓаат гама и рентген зрачењето и некои посебни делови од УВ спектарот и нејонизирачко во кое спаѓаат радиобрановите, инфрацрвената светлина и светлината која секојдневно ја гледаме. 

Една од главните разлики во овие два типа на зрачење е тоа што додека штетните ефекти (особено врз ДНК структурата на клетките) од јонизирачкото зрачење и во мали дози е докажано, зрачењето од нејонизирачките извори се уште не покажало вакви штетни ефекти врз живи организми. Всушност, овој тип на зрачење единствено ја менува својата форма и преминува во топлинска енергија што го објаснува вашиот загреан телефон после долгото седење на интернет или зборување. 

Најмногу студии на ова поле биле правени за да се докаже евентуалниот ефект врз мозочното ткиво и потенцијалот за зголемување на ризикот од рак на мозокот од мобилните телефони, но ниедна од нив не има докажано дека овој тип на зрачење директно предизвикува (повеќе различни видови на) рак или има некој друг штетен ефект врз клетките и ткивата од организмот. 

Повеќе за истражувањата и доказите прочитајте на веб-страната на Националниот американски институт за рак  

Ова не значи дека не треба да му дадете малку одмор на вашето тело и ум од секојдневното електронско „загадување” па затоа проследете некои едноставни СОВЕТИ ЗА ДИГИТАЛЕН ДЕТОКС и олабавете во ПРИРОДА викендов, затоа што нема подобар „лек” од тоа.  

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија