Чукун чукун дедото кој сè уште скија

Запознајте ги бабите и дедовците од скијачкиот клуб 70+ кои наместо да дремат по старечките домови решиле малку поактивно да си ја трошат пензијата и нивните вештачки колена, титаниумски колкови и пејсмејкери да ги спрегнат на малку скијање. Меѓу нив се наоѓа и можеби најстариот скијач на светот кој е единствениот член на подгрупата 100+.

Пензионерот Лојд Ламберт го основал клубот 70+ кога имал 76 години кога увидел дека мнозинството од неговите сениорски другари и другарки го напуштале скијањето или од технички причини или бидејќи тоа не можеле да си го дозволат. Бидејќи Лојд имај јаки конекции со ски бизнисот тој ги убедил ски резортите да понудат бесплатни или карти со попуст за сите пензионери кои сакаат да уживаат во скијањето (не ко кај нас да се возат бесплатно на лекар).

Денеска клубот го води неговиот внук, а тој организира ски патувања за повеќе од 3,000 членови на клубот. Патувањата се главно ориентирани кон ски дестинации низ Европа, Аргентина, Чиле и Нов Зеланд, а за да бидете член на клубот треба да бидете скијач или сноубордер нормално постар од 70 години.

Во структурата на клубот има подгрупи во зависност од возраста на членовите како 80+, 90+ па и 100+. Подгрупата 100+ е составена од едно старо но можеби и од нас поактивно деде кое има 100 и нешто години и се вика Луи Батори. Луи почнал да скија на негови 10 години, а тоа го прави активен скијач веќе 90 години. И покрај неговите бројни скршеници на двете колена, тибијата, ребрата и глуждот тој продолжува со неговиот активен живот и не само што е рекреативен скијач туку и скија во официјални натпреварувања во Настар шампионатот.

И сите се прашуваат која е магијата на Луи? Нема некоја посебна магија, тој едноставно е активен. Не оди на лекар со автобус, вози велосипед на дневна база, за скијањето да не правиме муабет, игра валцер, ужива во чаша мартини и долги патувања со сопругата на неговиот мотоцикл.