Чолитите кои се искачија на Аконкагва

Тешко е да се остане рамнодушен на сликата од петте боливиски жени во своите традиционални шарени здолништа опремени со цепини, дерези и кациги на стрмни падини и снежни терени во позадина. Која е нивната приказна?

На 23 јануари, на највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва (6962 м.н.в) застанаа пет Чолити кои им пркосат на сите стереотипи кое општеството ги има за нив. Станува збор за жени кои помагаат во базниот камп, најчесто околку кујната за странските екпедиции на Андите.

“Секогаш ги забележував туристите како се враќаат со огромна насмевка на нивните лица” – изјавува Лидија Хуаиљас, “од тој момент решив дека и јас ќе се искачам, за да откријам што е тоа што им предизвикува толкава радост”. Таа застана на врвот заедно со Дора Маѓено, Ана Лиа Гонзалес, Сесилија Луско и Елена Тинкутас.

Припаѓаат на автохтоните Ајмари, со свој јазик и живописна шарена носија. И покрај тоа што живеат во силно назначено патријархално општество и трпат постојана критика за својата нова пасија, групата од 16 жени на возраст помеѓу 25 и 50 години била формирана и тие започнале со искачување на пониски врвови, со цел Аконкагва, во што дел од нив и успејаа.

Планинарењето го доживуваат и духовно, па пред секое искачување искажуваат благодарност кон Пачамама, осносно Мајката Земја, која според верувањето на овој народ е живо суштество. Исто така не се откажуваат од својата полера, шареното здолниште кое е дел од нивната носија. Сепак малата традиционална шапка ја заменуваат со кацига во оние делови каде што диктира безбедноста.

Честитки добија од сите, вклучувајќи го и самиот престседател на Боливија, Ево Моралес, а на прашањето за следните амбиции изјавиле дека погледите им се свртени кон Охос дел Саладо (6891) на границата помеѓу Чиле и Аргентина, а потоа можеби и Мон Блан.

Видео:

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија