Божикен Прв до врв на Водно

Околу двесте насмеани планинари и велосипедисти во вторникот му пркосеа на студеното време за да се искачат на врвот на Водно и заедно да го одбележат Бадник преку организираниот настан Божикен Прв до врв.

За неполни два часа качување по претежно заледени и снежни патеки, групата пристигна на врвот на планината и се собра пред планинарскиот дом да го одбележи Бадник на традиционален начин, со кршење лепче со паричка, топол чај и греана ракија.

Најсреќен во делењето на парчињата од големата бадникарска погача беше Бојан Ѓокевски, на кој му се падна паричката и стана првиот кум на Прв до врв.

Божикниот Прв до врв беше првиот од серијата настани најавени од организаторите на ова популарно и масовно движење, кои ќе се организираат во текот на годината независно од главниот настан, кој оваа година е закажан за 24 мај.

Прв до врв е спортско-рекреативен настан кој се организира еден ден во годината и на кој неколку илјади планинари и велосипедисти се натпреваруваат кој ќе стигне прв до врвот на Водно. Трките имаат масовен карактер и ги обединуваат скопјани во идејата за спортско и рекреативно уживање на планината Водно.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија