Наслов

Бонев ќе прави прв Еверестинг на македонско тло

Утре на 1 јуни со старт во раните утрински часови, еден од најдобрите планински спортисти кај нас ќе направи целодневен обид за комплетирање на Еверестинг - искачување на висината наЕверест 8848м на една од патеките на Водно.

Што е „Еверестинг"

Тоа е неформален формат на спортска активност - најчесто велосипедизам, трчање или пешачење каде предизвикот е да се направи вкупно искачување од над 8848 висински метри, односно височината на Еверест, во еден единствен обид.

Правилата се едноставни. Одбирате еден рид, планина или брдо со одредена височина и правите повторувани искачувања (и спуштања) сè додека не ја постигнете оваа бројка - мерено со некој прецизен уред кој поседува алтиметар и барометар.

Паузи за одмор при предизвикот се дозволени (земање на храна, пијалок и мал одмор), но важно е да нема пауза за спиење во текот на активноста односно предизвикот да биде во еден обид.

Марјан Бонев

Повеќе за првиот обид за Еверестинг на македонско тло

Еверестингот на Марјан Бонев ќе биде на релација од хотелот Средно Водно 564 - 568мнв до врвот Крстовар 1066м, а за исполнување на висината на Еверест на оваа патека, Бонев ќе треба да направи 18 искачувања. Искачувањата ќе бидат на Димитар-Цветкова патека. 

За спуштање од планината, тој наутро ќе користи велосипед, а откако жичницата ќе започне со работа, планот е да се искористи истата за овој дел од предизвикот. Според него, предвидено е едно искачување да го прави за околу 28-30 минути, спуштањето со велосипед би му одземало 11 до 13 минути, а оние со жичара би траеле околу 8 минути. 

Се на се, доколку сите работи одат по планираното, тој би требало да биде активен 16 часа за време на Еверестингот на Водно.

„Идејата за предизвикот е тест на ултра психичка и физичка издржливост, тест на досега наученето и искусеното во областа на менаџирање со нутриција, напор и ментален фокус при втората половина на спуштањата со велосипед." - вели Бонев. 

Тој вели дека инспирацијата за овој подвиг доаѓа од пријателот  Горан Кузмановски кој пред точно 1 година изведе успешен велосипедски Еверестинг на Копаоник во Србија со одлично време од 15ч 50мин.

31 Мај 2019

За авторот