ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2016

Наслов

„Белите“ закитени со злато, сребро и бронза на вториот младински турнир ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2016

Успешно заврши второто издание на младинскиот фудбалски турнир ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2016. Оваа година проширен со уште две натпреварувачки категории но во својот стандарден и препознатлив формат.

Повеќе од 300 дечиња од повеќе градови од Македонија одиграа над 50 натпревари во генерации 2002, 2004, 2005, 2006 и 2007.

Фудбалерите на ФК ОХРИД ТОП ТИМ имаа мошне забележителен резултати. Игравме одличен фудбал, а притоа бранејќи ги боите на нашиот клуб и нашиот град со големо срце, стигнавме до едно злато, едно сребро и една бронза, надополнети со две индивидуални награди за најдобар стрелец и најдобар голман.

Генерација 2007 без неколку стандардни играчи кои од оправдани причини не можеа да го дадат својот придонес и комбинирана со играчи од 2008 година, стигнаа до полуфиналето на турнирот. Најпрво во натпреварите по групи беа минимално поразени од струшки Караорман со 1:2, по што со убавата победа над битолски ЛГ од 1:0 се пласираа во елиминацискиот дел на турнирот. Најпрво, во четвртфиналниот натпревар беа убедливи против Евро фудбал 2 Вардар Охрид и го добија натпреварот со сигурни 2:0, по што следеше возбудливо полуфинале со Њу Старс Скопје кое им припадна на скопјани со 2:3. Заморот на фудбалерите беше видлив во натпреварот за третото место против ЛГ кое со минимални 0:1 го добија битолчани. Најдобар стрелец на турнирот во оваа генерација беше нашиот фудбалер Максим Наумоски.

Далеку подобар настап од минатата година, но во уште поголема и посилна конкуренција имаа фудбалерите од генерација 2006. Најпрво во натпреварите по група, по победите над Борец Велес и Тоталфудбал Ресен, стигнавме до првото место и обезбедивме директен пласман во полуфиналето. Во натпреварот кој водеше до финале, нашите во добра игра испуштија водство над струшки Караорман и загубија со 1:2, со што се пласиравме во малото финале. Во борбата за третото место игравме со одличниот тим на скопски Њу Старс кој го добивме со 1:0 што беше доволно нашите момци да ја освојат бронзата на овој турнир.

Добар настап имаа фудбалерите од генерација 2005 за кои не настапија играчи од ген. 2006 и кои со дел од своите играчи помогнаа и во генерација 2004. Одиграа неколку добри и ефикасни натпревари и на два натпревари во групите пропуштаа сигурни водства. Најпрво на два пати водевме на натпреварот со Борец од Велес кој на крајот заврши со 2:3 за велешани, а убедливото водство од два гола разлика против скопски Њу Старс беше неутрализирано за конечни 3:3. Во четвртфиналето, ослабени со неиграњето на неколку играчи го загубија натпреварот со Евро фудбал 2 Вардар од Охрид.

Неверојатен турнир во силна конкуренција одигра генерација 2004. Најпрво во натпреварите по групи го совладаа скопски Њу Старс, а потоа со пресврт, откако на полувреме губеа со 0:2 го добија Тоталфудбал Ресен со убедливи 5:2, по што директно влегоа во полуфиналето. Тука се сретнавме со добрата екипа на ФК Велешта и повторно направивме чудо. Натпреварот го губевме со 0:3, за во последните 15 минути да тргнеме на се или ништо и да стигнеме до неверојатен пресврт и конечни 3:3. По изведувањето на пеналите, нашите шутираа без грешка и по конечните 3:1 обезбедивме пласман во финалето. Тука се сретнавме со силната екипа на ЛГ Битола од која претходно на два пати загубивме на турнирот во Струга. Одличната игра вроди со плод, па иако не успеавме да постигнеме гол, не им дозволивме на противниците да се заканат и натпреварот заврши со 0:0 по што повторно се изведуваа пенали. Нашите повторно беа максимално сигурни со што заслужено стигнаа до златниот медал и шампионската титула, а Кадир Ибраихим доби одличје за најдобар голман на турнирот.

Натпреварите во генерација 2002, како што веќе пишувавме се играа минатиот викенд, белите по победата на битолчани, екипата на ЛГ, стигнаа до финалето, во кое екипата на ГФК Неготино стигна до злато, а нашите фудбалери се закитија со сребрениот медал и вицешампионската титула.
Честитки и благодарност до сите наши фудбалери. Горди сме на нив, на нивната игра и нивното залагање. Беше вистинско уживање да се следат нивните натпревари.

На крај, должиме голема благодарност до екипите што се одзваа на нашата покана да бидат дел од овој турнир и го збогатија истиот со нивното присуство. Благодарност за нивната фер и коректна игра, нивниот спортски однос во и надвор од терените. Со сето срце се трудевме да бидеме добри домаќини и се надеваме дека секое фудбалерче ќе си оди со позитивни импресии од престојот во нашиот преубав Охрид. Веруваме дека со повеќето од нив ќе се видиме и наредната година.

Исто така,, должна благодарност до сите што го помогнаа одржувањето на турнирот: Општина Охрид, СРЦ Билјанини извори и нивните вработени, Фудбалската федерација на Македонија, Општински фудбалски сојуз Охрид, Лајонс клубот Десарети од Охрид, ЛТХ Леарница Охрид, Црвен крст од Охрид, како и Суна Охрид, Пекара Wake and Bake Охрид, ПН Метал Охрид, Инг Лули Струга. Мора да се заблагодариме и на родителите од нашите фудбалери кои беа со нас во текот на четирите дена на одржувањето на турнирот.

Се гледаме наредната година.

Повеќе информации за турнирот и комплетната галерија со слики може да ја погледнете тука.

25 Јули 2016

За авторот