Аналогно си е аналогно и фраерско

Ако сте некој велосипедски зависник загрозен по добар дизајн и функционалност тогаш може да ве интересира првиот ГПС аналоген брзинометар кој само што не пристигнал на пазарот. 

Финската компанија ОМАТА лансираше Кикстартер проект за собирање на средства за изработка на сериозно добар (бар вака од слики и видео) аналоген брзинометар кој е првиот од ваков тип – аналоген екстериорно, а дигитален интериорно. 

Филозофијата на дизајнери вели дека единствено најважните параметри при возењето велосипед заслужуваат да бидат перфектно прикажани во убаво спакувана аналогна форма бидејќи истата е многу полесна за читање и перцепирање од страна на човекот кој е целосно сконцентрира на возењето. 

Затоа она што можете да го проследите со овој тип на брзинометар е брзината со која движите, изминатото време, висината која сте ја искачиле и дистанцата која сте ја минале, а позади аналогната школка сместен е дигитален процесор со ГПС кој дополнително ги следи овие активности и ви дава можност за целосно современа размена на податоци на крајот од возењето. 

Во видеото погоре ќе го видите и професионалниот велосипедист Фабиан Канцелара кој им има помогнато во баждарење на алаткава „од прва рака”. 

Моментално кампањата за краудфундирање е на помалку од месец до крајот, а веќе има собрано повеќе од 90 проценти за тоа што било потребно за да се отпочне производството. Лимитираната верзија која имаше втиснато сериски број е скоро отидена, па ако сакате да си пазарите и да ги подржите, тогаш клизнете едно 500че од картица. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија