Алпинистичка балканијада – Демир Капија 2013

Пред неколку недели се одржа алпинистичка балканијада во Демир Капија во огранизација на алпинистичкиот клуб „Плоча” од Радовиш и спортско качувачкиот клуб „Клисура” од Демир Капија.

Три денови, околу 60-тина качувачи, една третина од овие дојдени од Бугарија и многу качени насоки, ама сериозно многу. Малку каснам со пренесување на моите импресии од овој собир, но ЕХО- Денови на планискиот филм – фестивалот кој почна ден после овој собир си го зема својот данок.

Отидов на овој собир сосема ослободен од притисокот да качам многу насоки или некоја посебна, туку едноставно да го одбележам и се дружам со алпинистите дојдени од Бугарија, Србија, и по некој од Германија, Русија и се разбира повеќемината од Македонија. Супер атмосфера, преку цел ден качување, приквечерни дружби во Демиркаписките меани, и вечерни забави покрај оган со вино од околните винарии, така одприлика поминаа тие три денови.

Иако веќе некое време на Демир Капија се качува многу од одредени поединци, кои речиси секое одење прават по некоја првенствена насока, најчесто организирани од Зоран Мајсторски од АК Плоча, овој пат, на овој собир имаше качување на насоки кои не се качуваат никогаш, или многу ретко, како што кажа некој од присутните, прв пат видовме качувачи на ‘десната страна’ карпата, и тоа 5-6 наврски истовремено во делот на карпата во кој најчесто нема никој. Да не се разбереме погрешно, ниту сакам да кажем дека некој не качува, или некој друг качува многу, реалноста е таква, некои насоки ужуваат поголема популарност од други и се качувани почесто. Тоа беше убав празник за очите да видиш толку качувачи на карпа, толку разновидни насоки качени, по стилот на качување или по тежината на насоката.

Инспириран од позитивната енергија при изборот на насоки за качување ‘утредента’ што беше присутна кај сите качувачи на собирот, сите збореа што ќе се качува.., сепак решив да пробам нешто ново за мене. Ја немав качувано насоката Бранчева, една Демиркаписка класика, посветена на загинатите алпинисти под Солунска Глава. Но таа беше веќе зафатена кога дојдов под неа. Следна интересна насока која ја мислев некое време беше Славкова, исто така посветена на еден стар алпинист.

Покрај предизвикот да качувам нешто ново, да качувам насока која е и малку потешка од останатите, во описот исто така означена слаба со осигурување и се качува традиционално, особено беше за мене инспиритивно да ги качам овие неколку насоки кои се посветени на четворицата алпинисти кои имаа загинато во лавина кај Бабина дупка, близу врвот Солунска глава но и некои други стари алпинисти од Македонија.

Па така после Бранчева се упатив кон Славкова, која беше слободна за качување. Насоката следи еден долг жлеб, десно од темната речиси црна плоча која е пак лево од повеќе познатата насока Гавранот која исто така следи жлеб. Тој жлеб го поделив во две должини со едно импровизирано сидриште некаде на 50-тина метри. Наидов на само два клинови, но доста опции за поставување сопствено осигурување. После тој жлеб направив второ сидриште, исто така импровизирано, по кое следи една многу деликатна барем за мене кратка должина од околу 15-20 метри, во која има само еден клин после првите два метри, и после тоа нема ништо се до крајот, но и нема опции за поставување осигурување. Не е премногу тешка, но психички за мене беше особено напната. Си помислував колкав пад би било тоа, ако сум 15 метри над сидриште, плус едно 15 под него, плус малку истегнување, плус ‘импровизирано сидриште’… тоа секако се мисли кои не треба да ги имаш :), за среќа се соземав и успеав да стигнам до следното сидриште, под првиот превис на Славкова, исто така импровизирано но комбинирано со еден закован клин.

Велам првиот превис, зашто имало и втор, овој вториов повеќе како таван него превис, нешто што не го знаев. Повторно влегов ‘бос у трње’ нешто што често знам да го направам, да качувам насока без доволно информации за истата. За жал или среќа во разговорите со други луѓе кога ми претставуваат насоки ги ловам зборовите како убава, фанстастична, мора да одиш таму, супер должина… а ме одминуваат зборови како ронлива, нема клинови, ТАВАН, ..е тежок, итн..

Да дефинитивно слушнав дека има таван но кој се заобиколува, а тоа да ти бил големиот таван кој се заобиколува, но сепак следел уште еден како десерт после првиот прилично голем превис :). Како и да е, не се жалам, напротив, супер беше и успеав да ја качам, успеавме да ја качиме заедно со Елена како втора зад мене. Беше доста јако искуство, признавам не бев спремен за неа и ме истроши многу, поради тоа што очекував ‘лабава’ насока.

Третиот ден на собирот а мојот втор качувачки ден го почнав знаејќи веднаш што ќе качувам. Тоа беше насоката Зорева, која почнуваше десно од Славкова и во текот на линијата, некаде кај второто сидриште се вкрстуваа двете, и наместо да оди кон превисите и таванот на Славкова, заобиколува во лево, и излага низ една идеална долга пукнатина, после продолжувајќи низ жлеб се до крајот. Преубава насока! Ова беше едно од моите најдобри искуства, една од најубавите линии кои сум ги качувал било кога било каде. Повторно ги надмина моите очекувања за тежината на насоката, беше уште посиромашна со клинови од Слакова, тс имаше се на се 2-3 клина во целата насока.

Но со многу повеќе солидни точки за поставување обезбедување, сума сумарум солидна линија во континуитет тешка, бара постојано висока концентрација не толку поради качувањето, туку поради поставувањето точки за обезбедување и големото растојание на истите. Имав качувано и претходно долги насоки чисто односно традиционално, но тоа беа насоки кои ги знаев убаво, ова беше сосема нов момент. Бев пресреќен во секое движење на карпата, секој поставен чок или френд беше добродојден на карпата. Прв пат завршив должина со цел сет чокови и сите френдови потрошени односно вметани во карпата. Насоката ја завршив во четири должини, од кои првата, втората и четвртата беа од околу 40-50 метри долги, третата пократка околу 30 метри. Не би знаел која беше најубава, или која беше најтешка. Мислам дека последната ме измачи најмногу психички, бев највисоко, и имаше преубава гледка наоколу но тоа ми правеше и дополнителна тензија поради експонираност на карпата, особено што точките на осигурување во тој дел беа доста далеку една од друга. Прекрасен викенд, преубави две качени насоки, и многу дружење на собирот.

 

текст на Александар Зарапчиев, член на АК 8