Аконкагва горе-доле за под 10 часа

Највисокиот врв надвор од Хималаите, Аконкагва 6962 м.н.в, овој четврток од нашиот Александар Кирковски беше искачен и спуштен за помалку од 10 часа што претставува голем успех и пионерски потфат во пошироки рамки. 

На 14.02.2019 планинскиот тркач и планинар Александар Кирковски заедно со логистичката поткрепа од Димитар Тодоровски успеа да го надмине зацртаното време од 12 часа и да го искачи и спушти врвот Аконкагва за помалку од 10 часа – поточно за 9 часа и 52 минути. Ова претставува едно пионерско и врвно постигнување за Македонија и пошироко. 

Искачувањето беше направено од Базниот камп Плаза де Мулас 4300 мнв, а се одеше по класичната рута која е во должина од 20 км и совладува 2500 висински метри, но главниот предизвик кај овој врв е секако висината на која сето ова се одигрува со старт од 4300 метри до врвот 6962 м.н.в. 

„Не беше се така лесно, а во одреден момент и под знак прашалник поради проблеми со мрзнење на стапалата. Го дадов својот максимум, физички и психички најдоброто од себе во овие околности. Благодарам на сите кои придонесоа ова да се случи, ќе ги набројувам во наредна прилика. Имаме пионерски потфат во балкански рамки и резултат вреден пошироко, направен со години труд и ентузијазам. Нека биде мотив за многу идни генерации планински спортисти!” – изјави Кирковски на својот Фејсбук профил. 

Истотака тој изрази сочуство и за прерано заминатите Калина Велевска и Александар Миновски:

„Јас со љубов го посветувам на Natalija Krstevska за целата поддршка во минативе над 5 години, а истовремено и на големите пријатели од планината КАЛИНА и АЧКО кои прерано не напуштија минатиот фебруари. Ми беа во мислите! ❤”. 

Во 2014 година Килиан Жорнет го постави најдоброто време за качување и спуштање на Аконкагва но тргнувајќи од влезот на паркот Хорконес сместен на 2950 м.н.в – за 12 часа и 49 минути. Два месеци подоцна Карл Еглоф го подобри ова време за речиси еден час – 11 часа и 52 минути. Должината на искачувањето во еден правец е некаде од 30-35 км. Женскиот рекорд на оваа рута, пак, го држи Фернанда Мациел со време од 22 часа и 52 минути. 

Пред неколку дена на 09.02.2019 година, тој заедно со Димитар Тодоровски се искачија во класичен стил на врвот како припреми и аклиматизација. Димитар Тодоровски воедно е и најмладиот Македонец кој го има искачено врвот Аконкагва – 6960.

Останатите наши планинари Маријана Ѓорѓиевска, Владимир Јованоски и Стоилко Стоицев се веќе аклиматизирани работат на искачување на врвот.

Гармин Конект запис

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија