Ајмо контраши

Од 1999 година па наваму редовно на годишно ниво се одржува The Single Speed World Championship, односно велосипедско натпреварување кое вклучува само велосипеди со една брзина. И тоа не било какво точкарско натпреварување на рамно, туку маунтин бајк!

Контрашкиот шампионат прв пат започнал да се одржува некаде во САД и бил организиран чисто за забава и смеа. Оттогаш па наваму шампионатот редовно се одржува и иако неговата организација е минимална, настанот секоја година е се попосетен од разни ентузијасти и вљубеници во контраши.

Бидејќи натпреварувањето не е следено и оценувано од никакво официјално тело, организаторите си го прават по свој терк. Домаќинот на следниот ваков настан се избира со тоа што се приредува мал натпревар во пиење, а кој ќе победи бива кум за наредната година. Досега се има одржано во 9 различни држави.

А траките што се возат на циркусов и не се баш лесни. Стазата во 2005 година била долга 40km и имала три големи искачувања до 1070m надморска висина. Ентузијасти бујрум.

Победниците како награда добиваат тетоважа, а доколку не сакаш да се тетовираш баш и немаш друг избор. Организаторите пред трката те предупредуваат „Доколку не сакаш тетоважа, не победувај!“

Типот што ги помина маратонот „Шарски води“ со велосипедот на дедо му, слободно може да се пријави.