Пет ѕвездички за Виз Ер Скопски маратон

Уште едно големо признание за Виз Ер Скопски маратон, којa стана првата трка во Европа со 5 ѕвездички во новата категоризација која започна да ја спроведува Европската Атлетска Асоцијација (ЕАА).

Ни представува чест и огромно задоволство што Виз Ер Скопскиот маратон влегува на голема врата во новиот концепт на Европската Атлетска Асоцијација (ЕАА) кога станува збор за безбедноста и квалитетот во организацијата на уличните трки. Виз Ер Скопскиот маратон е првата трка во Европа која се здоби со највисокото признание во оваа категоризација, 5 ѕвездички. ЕАА покрена платформа под наслов “Running for all”, www.european-running4all.org , каде што сите трки од Европа може да аплицираат за 1 ѕвездичка, 3 ѕвездички или 5 ѕвездички, а притоа за највиското признание треба да се исполнат 54 услови меѓу кои се сигурносна и здравствена заштита на учесниците, мерење со помош на чипови, онлајн можности за пријавување и плаќање, сертификат од ИААФ и АИМС, безбедноста на тркачите, итн. Во целата оваа процедура на стандардизација се вклучени и националните атлетски федерации кои се членки на ЕАА, што значи целиот процес се одвиваше под контрола на Атлетската Федерација на Македонија. Виз Ер Скопскиот маратон е земен и како пример во брошурата која ЕАА ја издаде како прирачник за сите заинтересирани улични трки кои сакаат да бидат дел од оваа платформа.

Му честитаме на Скопскиот маратон бидејќи стана првата улична трка од масовен карактер во Европа, која е прогласена со квалитет од пет ѕвездички од страна на Европската Атлетска Асоцијација. Сите организароти на улични трки во Европа треба да се стремат кон оваа цел. Како што уличното трчање станува се популарно, мошне е важно тркачите да се пријават за трка уверени дека им е загарантирано безбедноста и високо ниво на организација”, изјавија од канцеларијата на Европската Атлетска Асоцијација.
Со ваквата платформа ЕАА сака да им даде можност на големата тркачка заедница во Европа, која расте од година во година, да бидат добро информирани за квалитетот и безбедноста на трките во Европа и лесно да ги препознаат трките кои нудат високо ниво на организација. На овој начин и самите организатори во соработка со ЕАА и националните федерации ќе мораат да работат на исполнување на стандардите со што ќе се добие на квалитет на уличните трки во Европа. Оваа платформа е подржана и од претседателот на АИМС, Пако Борао, како и од Себастијан Коу, пот-претседател на ИААФ.

“Со ова признание од ЕАА може да се гордеат сите кои од самиот почеток кога го возобновивме Скопскиот маратон во 2007 година веруваа во нас и несебично ни ја даваа поддршката и помошта во нашите напори секоја година да го подобруваме квалитетот во организацијата на овој спортски настан кој е од огромно значење за развојот на спортот и спортскиот туризам во Македонија. Не беше лесно да дојдеме до вакво признание, но упорната работа во изминатите години вроди со плод, за што е доказ и ова признание од ЕАА. Ова е само мотив повеќе за нас да продолжиме во исти правец и наредните години”, изјави директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски.