ПЛАНИНАРСКО СПОРТСКО ЗДРУЖЕНИЕ „КОЗЈАК“ - ПРИЛЕП

19то Традиционално искачување „Козјак ’97“ – врв Козјак 1747 мнв

ПСЗ „Козјак“ – Прилеп оваа година на 07 јуни го организираше 19тото Традиционално искачување на врвот Козјак 1747 мнв.

Нешто за друштвото

Планинарско Спортско Друштво „Козјак” важи за едно од постарите друштва во Македонија, официјално формирано е на 19 декември 1938 година. На самиот почеток друштвото брои доста членови. Според старите зачувани записи најголема достигната бројка е околу 1000 членови. Доста е активно во планинарството во времето на СФРЈ каде што учествува на скоро сите манифестации, маршови, искачувања , предавања кои ги одржува Планинарскиот сојуз на Југославија и Планинарскиот сојуз на Македонија. Во друштвото постојат и повеќе секции: алпинизам, ориентација, спелеологја, велосипедска секција, фото секција…

Друштвото во свое време управува и свој планинарски дом „Дервен” на планината Бабуна (над стариот пат Прилеп – Велес , одалечен околу 20км од Прилеп ) кој во  март 1997 година изгоре до темел. Од 2013 година друштвото е во преговори со општина Прилеп за возобновување на домот и ставање во функција. Во овој период друштвото  брои околу 80 членови. Мал е бројот на нови млади планинари, но ПСЗ „Козјак“ – Прилеп, со своите активности кои ги организира се надева дека ќе придонесе за „враќање на љубовта“ кон планината кај младата популација.

Врвот Козјак (1747 м.н.в) е највисокиот врв на планината Бабуна. Традиционалното искачување „Козјак ’97“ за првпат е одржано во 1997 година.  Името на ова искачување „Козјак ’97“ е во спомен за планинарскиот дом Дервен кој изгоре во март истата година. Искачувањето се организира една недела после православниот христијански празник Дуовден (Духовден).

Првата патека по која се одвивало ова традиционално искачување е со старт од ман. св. Ѓорѓија, над Прилепското вештачко езеро. По истата релација се организира се до 2004 година. Во 2005 година патеката е променета. Стартот е од с. Оревоец – с. Крстец – превој Белото – врв Козјак – чешма Студенец – с. Ореовец. Оваа година маршот беше организиран по првичната патека , ман. св. Ѓорѓија – Борула – чешма Студеница – превој Белото – врв Козјак – чешма Студенец – с. Плетвар. Беше обновена старата маркација, пеа поставени и нови патокази според стантардите на ФПСМ и беше исчитена целата патека.

 

На 7ми јуни беше организирано 19тото Традиционално искачување „Козјак ’97“ – врв Козјак 1747 мнв на кое земаа учество околу 130 планинари од различни планинарски клубови од Македонија. Стартот беше од ман св. Ѓорѓија (980 мнв) , потоа се упативме по широк шумски пат, се до чешма Студеница (1280 мнв) , каде што имавме обезбедено чај и локум за освежување на секој учесник. По кратката пауза се упативме низ тесен шумски пат до превој Белото (1340 мнв), и потоа кон последните и најтешки 2 километри до врвот Козјак.

Врвот го искачија сите учесници. На врвот на секој учесник им поделивме чоколадо за мало освежување. По подоглата пауза се фотографиравме и се упативме кон чешмата Студенец , односно с. Плетвар. Во храмот св. Кузман и Дамјан во с.Плетвар пристигнавме во 14 часот и 30 минути. Сите учесници пристигнаа сигурно, немаше несреќи и потешкотии. Во храмот ПСЗ „Козјак“ обезбеди и ручек планинарско гравче со месо , за секој учесник. По ручекот беа доделени и благодарноци за учество со што и се затвори манифестацијата.

Повеќе фотографии ТУКА и ТУКА

Ја користам приликата да се заблагодарам на сите учесници и на сите оние кои придонесоа за ова искачување да биде успешно. Исто така сакам и да ве поканам на 20тото Јубилејно Традиционално искачување „Козјак ’97“ – врв Козјак 1747 наредната година.