10ти мај – денот кога првиот Mакедонец стапна на врвот од светот

На денешен датум пред 25 години, Димитар Илиевски – Мурато од Битола како дел на македонско-хималајската алпинистичка експедиција „Еверест ’89“ успеа да направи огромен подвиг за нашата Република и македонскиот спорт, тој се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест, но при враќањето не успеа да слезе во последниот висински логор и засекогаш остана таму. Во чест на Диме.

 

Искачувањето е направено од јужната страна на Еверест заедно со словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот алпинист Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Во експедицијата учествуваа уште и македонскиот алпинист Борче Јовчевски како и водачот на експедицијата Јован Поповски.

Изминатава недела во Битола се одржаа неколку манифестации за одбележување на јубилејната 25годишнина од овој екстремно важен настан за македонскиот спорт.

Како дел од одбележувањето на јубилејот се вклопи и искачувањето на Македонците Јован Калаузи и Александар Ивановски на врвот Исланд (6,189 мнв) овој април и нивната посета на локалитетот Дугла (4,800 мнв) каде што оддадоа почит на спомен плочата на Димитар Илиевски – Мурато.

Во текот на оваа недела беше презентирана изложбата на фотографии од претходните 24 традиционални маршови кои се одржуваат на Пелистер фотографирани од Петар Ставрев, како и ретки фотографии на семејството Илиевски од достигнувањата на Диме.

Гостин во рамките на одбележувањето беше и професорот Сашко Кедев кој одржа негова презентација за искачувањето на седумте највисоки врвови на различните континенти каде што оддаде висока почит спрема Мурато, а свое излагање имаше и Јован Поповски, водачот на македонско-хималајската експедиција „Еверест `89“ кој зборуваше за целокупните подготовки на македонските алпинисти.

Тој на семејството Илиевски го врачи и сертификатот на Димитар Илиевски Мурато од непалската влада за неговото искачување на Еверест кој во Македонија стигна во 1998 година, девет години по освојувањето.

Денеска се одржува традиционалниот марш на Пелистер, до Димев Врв (2,601 мнв), каде ќе се оддаде почит на споменикот на Диме со што ќе се заокружи неделата на јубилејното одбележување. Дополнително, на 3ти јуни во Скопје ќе се одржи презентацијата „„25 години Еверест“ каде покрај учесниците на македонските експедиции и учесниците на експедицијата Еверест 1989 година ќе присуствуваат и Стипе Божиќ и Виктор Грошељ.

Вечна слава!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија