Врв 10/12: Канеш на Стогово (2218 мнв)

Датум на почеток:

07.01.2018

Време на почеток:

03:30

Локација:

НАСТАНОТ ЗАВРШИ

Време до почеток

00
Недели
00
Ден
00
Час
00
Минути

Инфо

На почетокот на јули одиме да го искачиме десетиот врв предвиден за оваа сезона, врвот Канеш на планината Стогово, висок 2218 метри надморска височина, од каде ќе уживаме во величествени глетки кон Охридското Езеро, целата Реканска Област и долината на Радика, целото планинско било на Стогово со соседните највисоки врвови Голем Рид (Бијук Дорук) и Бабин Срт и глетки кон највисоките врвови на Македонија! Врвот Канеш ќе го искачат сите, но преку две различни патеки.

1. Трансверзална тура: с.МОГОРЧЕ – врв КАНЕШ – с.ГАРИ

Должина: 23 km
Тежина на патеката: тешка
Вода: 2 соѕидани чешми во селото Могорче и кај бавчите пред шумата, 3 природни извори: во близина на ледничкото езеро Маруша и 2 послаби изворчиња на гребенот висок 2000 м.н.в. на 30 мин пред врвовите Канеш и Голем Рид (Бијук Дорук)

Опис на патеката: Патеката започнува од селото Могорче и започнува да се движи кратко во југоисточен правец низ селските бавчи и по десетина минути зафаќа јужен правец по стрмната падина низ густата букова шума со неколку многу стари (над 300 години) борови дрвја, по долот од левата страна на реката Белешница. Прегазувајќи ја реката на околу 1750 м.н.в. патеката го напушта шумскиот појас и излегува кај две бачила во цирк под врвот Стогово висок (2218 м.н.в.). Минувајќи крај природното ледничко езеро Маруша, на височина од 1908 метри, од каде одејќи крај сипари (камењари) по стариот коњски пат за Малесија и Жупа се префрлува плаинско седло високо 2136 м.н.в. од каде по тревнат терен се спушта до пределот Лучишта (1929 мнв) од каде од местото Крстец по гребен се искачува на сртот помеѓу врвовите Канеш и Голем Рид (Бијук Дорук) од каде скршнува кон исток и се искачува на врвот Канеш (2218 мнв). Продолжувајќи кон југоисток кај местото Писан Камен помеѓу котите 2136 и 2060 мнв завртува зафаќајќи северен правец и по обележаната планинарска патека од делницата на Западна македонска трансверзала (ЗМТ) по Голема Мегданица и шумовитиот дол на Гарска Река завршува во село Гари.

Можности за искачување други врвови: 1) Стогово (2218 мнв) по обележано исклучување од шумата пред преминвуањето на реката Белешница; 2) Голем Рид / Бијук Дорук (2268 мнв) непосредно од билото пред Канеш кон запад; 3) Бабин Срт (2241 мнв) на југозапад од Канеш кон Охридско Езеро.

Ограничен превоз и капацитет на комбе до 33 лица, поради не можност поголеми возила да стигнат по кривините до с.Могорче.

2. Кружна тура: с.ГАРИ – врв КАНЕШ – с.ГАРИ

Должина: 16 km
Тежина на патеката: средна
Вода: чешми во Гари, чешма и извори кај бачилата на Голема Мегданица на излез од шумата на планинското било

Опис на патеката: Добро обележаната планинарска патека, која е делница на Западната македонска трансверзала (ЗМТ), започнува од селото Гари и движи во јужен правец по широк шумски пат низ густата шума на долот на Гарска Река. На околу 1630 го напушта шумскиот појас и излегува на тревнатото планинско било на Стогово во предлот Голема Мегданица, каде има неколку бачила. Зафаќа југозападен правец и по стрмна тревната падина помеѓу камени гребени и карпи искачува директно на сртот и врвот Канеш.

Можности за искачување други врвови: 1) Голем Рид / Бијук Дорук (2268 мнв); 2) Бабин Срт (2241 мнв).

Можност за превоз со голем автобус со капацитет до 50 лица, поради поволниот пат до близината (бачилата) на Гари.

Патеката е снимена и достапна во GPX фајл.

Поаѓање од Скопје: 05:00 h од паркингот на Пошта 2 (Железничка/Транспортен Центар).
Цена: 700 денари
Mожно е доаѓање со сопствен превоз. Се молат сите останати учесници и посетители кои ќе одат со сопствен превоз, да уплатат учество во акцијата од 100 денари (кои ќе се искористат за: изработување на значките и обезбедување на наградите за предизвикот „12 Врвови”, организирање голема 2 дневна забава на крајот на предизвикот, печатење маици, бележење и маркирање на планинарските патеки по кои ги искачуваме врвовите).

Пријавување (за целосно сигурно одење) најдоцна до петок 29.06.2018 во 17 часот, на Марио Шаревски – 071 216 066, Верица Тодоровска – 070 342 787 и Лимонка Тасева – 071 591 260 или во порака на facebook страницата на Планинарски предизвик „12 Врвови” задолжително со име и презиме (доколку сте целосно сигурни дека доаѓате).

УПАТСТВА:

– Тежината на патеките е тешка и средна и не се препорачливи за почетници (се искачува голема стрмина, во доста топол период од годината).
– Временските услови најавуваат сончево и стабилно време (https://www.yr.no/place/Macedonia/Other/Stogovo~8622681/long.html) заради што е препорачливо носење на очила за сонце, капа и крема за сончање и резевна маица (пожелно е да се има и лесна јакна ветровка во ранец).
– Задолжително носење на планинарски стапчиња (за стрмни и каменести делови)
– Мобилните телефони да бидат со полни батерии (најмалку 95%)
– Храна од ранец

Повелете да уживаме во Македонија
#12Врвови #УживајВоМАКЕДОНИЈА

Автор

Mladena Petrova

Виница

Македонија