Загадениот воздух го убива светот

Проектот работен во Универзитетот Чикаго покажа дека загаденоста на воздухот на светско ниво ни зема речиси две години од животниот век.

Воздушното загадување, во најголема мера предизвикано од горење на фосилни горива, го скратува очекуваниот животен век на планетата за 1.8 години по човек. Според резултатите добиени од проектот Air Quality Life Index oва го става загадувањето на првата позиција на листата.

Малите честички кои се нус производ од согорувањето на горивата го скратуваат животот на човештвото повеќе од пушењето цигари или пак од загадените води. Според СЗО, дури 90% од населението во светот е изложено на воздух со лош квалитет, што допринесува за околу смртта на околу 7 милиони луѓе а штети на милиони други. 

Проектот AQLI (Air Quality Life Index) на Универзитетот Чикаго покажува дека животниот век на луѓето во одредени делови на Индија, на пример, би можел да биде пократок за дури 8-9 години.

Истражувачите имаат лансирано веб страна на која посетителите можат да пристапат и самите да проверат колку загадувањето во нивната средина го скратува животниот век. AQLI користи сателитски снимки за одредување на загадувањето и густината на популацијата и преку комплексни калкулации ги прави пресметките за она што би требало и тоа како да не загрижи.

Сепак, према она што може да се види за нашиот регион, нивоата на мерените PM 2.5 честички како да изгледа малку низок во однос на секојдневните мерења кои во зимските периоди засега нè ставаат во топ десет во целиот свет.

Просекот за 2017 година изваден од мерните станици во Македонија (наведен во годишниот извештај) е 25 µg/m3 што е далеку повеќе од предвидените 11 µg/m3 кои ги дава AQLI индексот за Македонија – нешто што уште повеќе треба да нè загрижи и активира во борбата за подобрување и заштита на животната средина. Според индексот, Македонија е на 79-тото место од 224 земји. 

Според извештаите на AQLI лошиот воздух убива многу повеќе луѓе и од пушењето цигари, користењето дрога и алкохол и некои тешки болести како СИДА или Туберколоза.

Најпогоден дел од светот кога е во прашање аеро загадувањето е Југоисточна Азија, односно, Кина, Индија и Индонезија во кои просечниот животен век на луѓето е скратен помеѓу пет и седум години. Научниците од EPIC (Energy Policy Institute at the University of Chicago) се уверени дека овој нивен пионерски проект ќе биде почетна точка од која луѓето и институциите ќе почнат да се борат со овој тивок и свиреп убиец.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија