Уживајте во Титов Врв и помогнете во реконструкција на кулата!

Овој викенд за време на 34-тото традиционално искачување на највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв, сите планинари ќе имаат можност многу едноставно да помогнат во реконструкцијата на кулата на врвот. Планинарското еколошко друштво „Аргентус моунт” кое веќе ја има започнато реконструкцијата има потреба од мала помош. Потребно е да уживате во Шар Планина и едноставно да наполните едно пластично шише вода по патот (кај изворот под Казањ) коешто ќе го оставите на врвот. Уживајте во планината и бидете од помош!

Планинарското еколошко друштво „Аргентус моунт” од Тетово од минатата година иницира и започна акција за реконструкција на Планинарската кула на Титов врв што претставува симбол на планинарството во Република Македонија. За нејзината реконструкција потребно е покрај другото и поголема количина вода за оформување на малтерот потребен за реконструкција на разурнатите делови на ѕидовите.

“Аргентус моунт” апелира и замолува секој/а планинар/ка кој/а ќе учествува на 34от традиционален марш од Попова шапка до Титов врв на 24 мај 2015 година, организиран од ПК Љуботен, да понесе по едно пластично шише и кај реката под врвот Казањ да го наполни и однесе до Кулата каде ќе се прифати од планинари на ПЕД „Аргентус моунт”.

Шишињата може да се подигнат на стартот на маршот пред хотелот „Попова шапка”. ПК Љуботен во целост се приклучува и ги поддржува сите акции кои се во насока на унапредување на планинарењето, чувањето на планинарските симболи, обележја, како и чувањето на нашите природни убавини. 

Дел од досегашните акции за реконструкција на кулата