Традиционално искачување на Титов врв и еко акција на Попова Шапка

Викендов благодарение на П.К. Љуботен, овој викенд на располагање имаме една посебно интересна активност, искачување на највисокиот врв на Шара, Титов врв, кое веќе 38ма година традиционално се одржува последниот викенд во месец мај. Зошто е посебно интересна активност разговараме со Марија Матовска, член на ПК Љуботен и координаторка на тимот за односи со јавност.

Претстави ни ја убавината на Титов Врв, и самото патување до него?

Шара е едно магично место, толку блиску, а всушност толку далеку од скопските гуживи и брзо секојдневие. Шарпланинскиот масив протегајќки се на околку 1600км2 со својата должина од 80км е еден од најмаркантните масиви на Балканот. Езерата Шарпланински очи (од кои постојани, низ текот на целата година се 25), реките и водопадите, богатата флора и фауна (на Шар Планина има над 2000 различни видови на растенија и над 44 видови диви животни) воодушевуваат во кое било доба од годината. И се разбира, она што најмногу восхитува на Шара се пејсажите и високите врвови, кои некогаш изледаат нестварни.

Највисокиот врв на Шар Планина е Титов врв, 2,747 метри. Врвот, кој нашиот клуб традиционално оваа година ќе го качува по 38ми пат. Организацијата започнува во 1980 година кога се организира првото тогаш меморијално искачување. После ова прво меморијално искачување се одлучува овој настан и понатаму да се одржува и да влезе во календарот на сите планинарски друштва во тогашна Југославија. Оттогаш, па наваму голем број на планинари од сите страни на Балканот, а последниве години и од Европските земји, од сите возрасти и по секави временски услови, последниот викенд во мај, доаѓаат во Тетово и на Попова Шапка за да учествуваат на овој настан. Организацијата и масовноста на овој настан е знак на препознавање на П.К. Љуботен. Во текот на изминатите 37 искачувања на Титов Врв среќаваме бројка од 24 607 искачени планинари. Самото качување ќе се одвива по маркираната планинарската патека Вакуф. Патеката е средно тешка. Има вкупна должина од 14 км. во еден правец и висинска разлика од 1.047 метри. Патеката се движи по тревна површина, по каменит предел и делумно е покриена со снег. Планираното просечно потребно време на искачувањето изнесува 4 часа.

Она што сакам да го потенцирам за настанот оваа година е дека истиот, ПК Љуботен му го посветува на проф. Љупчо Меловски, кој беше голем вљубеник и познавач на Шар Планина, заштитник на животната средина и голем подржувач на активностите на клубот.

Дополнително сакам да истакнам дека настанот е дел од кампањата „ЕУ за ТЕБЕ” организирана од Делегација на ЕУ во Скопје. Генерален спонзор на настанот, веќе години наназад е ТТК – БАНКА АД СКОПЈЕ, а санитетски покриовител – Истанбул Медика. Од име на, клубот искажувам голема благодарност до истите, како и до сите останати спонзори и поддржувачи.

Колку луѓе очекувате да го искачат Титов врв овој викенд и што им препорачувате на сите заинтересирани?

Оваа година, поради променливите временски услови, очекуваме бројот на искачени планинари и планинарки да биде над 500. До сега за учество на настанот пријавени се околу 400 планинари и планинарки од Македонија, Албанија,Бугарија, Србија, Косово, Б и Х, Хрватска и Словенија.

Препорака за сите е да се движат по пропишаната патека, во организираната колона. Доколку некој/а од учесниците/ учесничките се соочи со некаков проблем апелираме веднаш да се обратат кај лицата одговорни за колоната (напред, назад или пак вдолж самата колона), кои на самите ранци ќе имаат акредитации со ознака организатор. Сите планинари и планинарки треба да се во добра психофизичка кондиција, подготвени за планинарска тура до 10 часа, да носат соодветна индивидуална исхрана и при искачувањето да користат зимска опрема.

Освен искачувањето, правите и една екстра активност на Попова Шапка, организирате собирање на неправилно фрлан отпад околу одмаралиштето, што се случува во тој дел, каква е состојбата и каква помош е потребна?

Сведоци сме дека Попова Шапка, иако е една од најубавите летни и зимски турстички дестинации во земјава, не е имуна на неодговорноста на луѓето. Попова Шапка во некој моменти, буквално е преплавена од отпад, кој ја грди нејзината убавина и привлечност и има сериозни последици по животната средина, но и живото на луѓето. Па токму затоа, инспирирани од глобалната кампања #TrashTagChallenge, заедно со Пакомак, решивме настанот „Титов Врв 2019″ да го отпоченеме со чистење на Попова Шапка. Еко акцијата е закажана за 25 мај од 12 часот. Зборното место е пред платото на хотелот Попова Шапка.

Во моментов за чистење се пријавени најразлични профили на луѓе: вработени во околните сместувачки капацитети, планинари и планинарки од ПК Љуботен, но и од други клубови и друштва, родители и деца. Се надевам дека во овој дел ќе ни се приклучат колку што е можно повеќе луѓе и заеднички прво, ќе ја подобриме состојбата во која сега се наоѓа оваа туристичка дестинација, но и ќе ја подигнеме свеста кај луѓето (па надежно кога ќе го правиме следниот #TrashTagChallenge нема да има толку ѓубре :). По завршувањето на оваа акција, присутните ќе можат да учествуваат во младинската трибина „Планинарењето, поттик за здрави навики кај младите”, но и натпревар за брзо местење на шатори и ретро изложбата за Попова Шапка.

Кој може да се пријави за искачувањето и до кога може да се пријавуваат?

Како што веќе напоменав за качувањето може да се пријави секој/а планнар(к)а кој/а е во добра психофизичка состојба. Уште еднаш сакам да напоменам дека со цел да се одржи високо ниво на безбедност и организираност сите друштва/клубови и организирани здруженија кои сакаат да земат учество на овој заеднички планинарски настан мора задолжително да се пријават (поплнување на формулар изјава на координаторот) кај одговорните лица од клубот. Пријавувањето трае до четврток, 23.05.2019.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија