Еволуцијата на велосипедизмот во Унгарија

Во Будимпешта настаните под мотото “Критична маса” престанале да се одржуваат уште во 2013 година бидејќи на последното собирање имало околу 100.000 велосипедисти што јасно укажало дека движењето ја постигнало својата цел. За тоа време во државата следи редовно, систематизирано и стимулирано инкорпорирање на велосипедот се подлабоко во порите на општеството за на денес да бидат на третото место по вртење точак во Европа веднаш зад Данска и Холандија. Како успеале Унгарците толку да напреднат во својата велосипедска култура?

Будимпешта 22 Април 2017 – повеќе од 10.000 велосипедисти учествуваат на настанот наречен I bike budapest.

Но ова не е “Критична маса” во Будимпешта. Настаните под мотото “Критична маса” престанале да се одржуваат уште во 2013 година. Причината е едноставна, велосипедистите во Будимпешта повеќе не се критична маса. Последната критична маса ја возеле 80.000 до 100.000 велосипедисти, така што било јасно дека движењето ја постигнало својата цел.

Десет години пред последната критична маса во Будимпешта, користењето на велосипед во секојдневниот транспорт било многу далеку од популарноста и почитуваноста која сега ја има. Автомобилите уживале таква доминантност што дури и интернационалниот “Ден без автомобили” не бил гледан сериозно. Градоначалникот на Будимпешта во 2004 одлучил да го помести Денот без автомобили за во недела бидејќи движењето на возилата не требало да биде вознемирувано.

Погрешна одлука во прав момент. Во Будимпешта веќе имало доволно луѓе кои користат велосипед за секојдневен транспорт, па како одговор на погрешната одлука, го одржале првиот велосипедски протест (првата критична маса) на кој учествувале околу 4000 велосипедисти. 22 Септември постанал не само “Ден без автомобили” туку и ден за критична маса. Веќе наредната година на 22 Април за денот на планетата Земја била одржана и втората критична маса, па така овие два дена постанале традиционални за велосипедски марш низ улиците на Будимпешта.

Од 4000 велосипедисти на првата критична маса, секоја наредна добивала многу поголем замав, 10,000 во 2005, 32,000 во 2006, 50,000 во 2007… до последната критична маса во 2013 со бројка од 80,000 до 100,000 велосипедисти.

Моментот на кревање на велосипедите во воздух на последната критична маса во Будимпешта, 22 Април 2013.

Развојот и прифаќањето на велосипедизмот не се случувал само во Будимпешта. На ниво на цела Унгарија, вело-културата во последните две децении е порасната до тоа ниво што велосипедот како транспортно средство се одбира од 22% од населението, правејќи ја трета земја во Европа по користење на велосипед, веднаш зад Данска и Холандија. Како за споредба, во повеќето држави во централна, источна и југоисточна европа велосипедот го користат помалку од 10% од населението.

Како успеале Унгарците толку да напреднат во својата велосипедска култура?

Сите импресивни резултати кои сега ги имаат Унгарците се должат на долгорочната и сеопфатна работа на активистите, велосипедстите, еколошките здруженија, градските службеници и националните институции.

По одличниот велосипедски интерес кој се јавил кај јавноста, се покренало и политичко внимание. Организаторите на “Критична маса” постојано повикувале на политичка акција и зголемување на буџетите наменети за развој на велосипедизмот.

Политичкото внимание пораснало до таа мера што во Унгарскиот парламент се создала велосипедска фракција, со претставници од сите политички партии. Се формирал посебен буџет наменет за велосипедска инраструктура наречен “Фонд за велосипедски патеки”, каде се влевале 3% од вкупниот буџет за патна инфраструктура на Унгарија. Одлуката за создавањето на Фондот за велосипедски патеки бил донесен едногласно во парламентот, по одржувањето на посебна парламентарна сесија каде се дискутирало само за “Критична маса”.

Во 2007 Министеството за транспорт на Унгарија го дуплирале годишниот буџет за велосипедска инфраструктура. На ова се надоврзуваат и €168 милиони Европски фондови за развој до 2013, што била одлична можност за да се пушти првата национална велосипедска програма на Унгарија за периодот од 2007ма до 2013та.

Со првата национална велосипедска програма всушност велосипедизмот веќе сериозно се гледа како посебна гранка во економијата од која сите имаат многудетни здравствени, еколошки и економски придобивки. Фокусот на програмата бил ставен на следните клучни подрачја:

  • Создавање на инфраструктура
  • Возење велосипед и безбедност
  • Велосипедски туризам
  • Велосипедски спорт и рекреација

Биле детектирани сите точки за интервенција и развој во населените места и надвор од населените места. (Основниот преглед на првата национална програма го имате овде)

По завршувањето на програмата во 2013та била пуштена и втората национална програма за периодот од 2014 до 2020 која веќе има многу поголем опсег за развој на вело-транспортот во целата држава. За овој период Унгарија ќе вложи скоро 300 милиони евра за развој на нови велосипедски патеки низ целата држава, создавање на нови услуги со велосипедизмот, едукација и промоција низ целата држава, мерења и оценување на велосипедските системи, институционален развој и регулациски правила за целокупната велосипедска гранка во економијата.

Економските резултати кои се очекуваат се да имаат добивка од 47.6 милиони евра годишно од велосипедски туризам, 16 милиони евра годишно добивки од подобрување на здравјето на граѓаните, 9.5 милиони евра годишно од продажби на велосипеди…  Инвестираното во велосипедскиот развој не само што за брзо време ќе им се исплати туку и ќе добијат многу почисти населени места, знаејќи дека целиот план е наменет за транспорт без штетни емисии на гасови.