Рециклирана олимпијада – ОИ во Токио со медали од отпад

Трендот започнат на Олимписките игри во Рио продолжува и на игрите во 2020 година. Одличјата за најдобрите во Токио ќе бидат изработени од 100% рециклиран електронски отпад.

Можеби за најголем дел од светот одлуката на организаторите во Токио, олимписките медали да бидат изработени од рециклирани електронски уреди, е зачудувачка или шокантна, сепак оваа одлука донесена во 2017 година е речиси пред реализација.

Електронскиот отпад кој вклучува користени мобилни телефони, смартфони, лаптопи и слично се главниот извор на собирање на металите потребни за изработка на олимписките медали. Во изминатите неколку години на територија на Јапонија беа поставени кутии за рециклирање на електричен отпад кој е наменет за изработка на медалите, а официјалното соопштение на 8 февруари е дека оваа година ќе се постигне целта и ќе се обезбедат сите потребни матерјали за изработка на медалите.

Со други зборови вкупно 30,3 килограми злато, 4100 килограми сребро и 2700 килограми бронза ќе бидат добиени од рециклиран отпад.

Веројатно не сте знаеле дека во смартфоните кои секојдневно ги користиме има злато. Колку? Па не премногу. За да се добие еден грам злато потребни се 41 телефон. На прва можеби звучи премалку но ако се земе во предвид дека веќе во ноември минатата година биле собрани 47,488 тони ваков отпад и уште пет милиони користени смартфони од локален мобилен провајдер, тогаш сликата станува поинаква.

Организаторите потврдија дека потребите за бронза се собрани уште во јуни минатата година додека пак предвидените количи на злато и сребро се очекува да бидат комплетирани до крајот на Октомври оваа година кога ќе биде соопштен и дизајнот на медалите.

Ова ќе бидат само втори олимписки игри во историјата на кои организаторите користеле рециклирани уреди во изработката на медалите. Претходно во Рио 2016, 30% од потребите за сребро и бронза беа добиени со рециклирање.

Покрај ова, летните олимписки игри во Токио ќе бидат првите во историјата на кои еден национален тим ќе настапи во облека која e комплетно добиена од рецклирање на стара и употребувана спортска опрема.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија