Природарење

Mали, црвени, здрави и се викаат Гоџи – Интервју со Таки Ѓорѓиев

Многумина во Македонија борба водат за да го седнат административното столче, а Таки од неодамна си купи трактор и тоа е доволно да му доделиме орден и да го прогласиме како херој бидејќи не го оптеретува буџетот. Затоа му посветиме внимание со првото интервју во подкатегорија ПРИРОДАРЕЊЕ нешто што ќе дава нов импулс на блог платформата.

Зошто реши да го започнеш фермерскиот бизнис?

Идејата за почнување на фармерски бизнис е од 2009-2010 година. Според сите информации кои ги имав од дотогашното искуство, а беа врзани за трговијата и потрошувачката, заклучив дека храната е далеку пред сите останати производни потенцијали, и ќе остане број еден. Што е уште повеќе битно е дека Органските производи ќе бидат се подостапни за луѓето затоа што ние како Македонија сме доста поволна земја и имаме незагадена почва со над 300 сончеви денови во годината, што значи дека имаме огромен потенцијал во земјоделието. Секако дека мотив плус е поставувањето на семеен бизнис кој што понатаму ќе биде наследен и ќе овозможува, се надевам, квалитетен живот за поколенијата. 

Освен трпеливоста и посветеноста што е најважно во овој процес?

Пред финансиите за вложувањата кои ги направив секако дека волјата, желбата за успех и поддршката од семејството се најбитните фактори да се издржи. Трпеливоста ќе треба да се учи и практикува секој ден, бидејќи кај амбициозни и млади инвеститори тоа е слаба страна. Посветеноста е круцијална. Секојдневниот ангажман е неизбежен доколку се стремиш кон успех во оваа работа.

На твоите плантажи одгледуваш Гоџи, кажи ни нешто повеќе околу оваа бобинка?

Плантажата е со вкупна површина од 4 хектари и е најголема на Балканот. Имам 7.000 садници кои се во 2 година од подигање. Производот е број еден што се однесува до богатството на минерали, витамини и антиоксидантни материи. Исто така Гоџито наоѓа широка примена во лекувањето со исхрана на доста комплицирани и популарни за денешницата болести и здравстви проблеми кои ги имаат луѓето. 

Кој се нејзините најчести примени и благодети во исхраната?

Гоџи е жбунесто дрвенесто растение, со вкусен плод во форма на црвени бобинки. Во тие мали, но моќни плодови се крие тајната на долговечноста на луѓето од Тибет, од каде што потекнува. Го нарекуваат „волчја бобинка”, „среќна бобинка”, „црвен дијамант”, „лициј” (Lycium barbarum). На Хималаите, со векови се користи не само како храна, туку и како природен лек. Расте 1,5 до 2 m во височина и до 2 m во пречник. Цвета од шестиот до осмиот месец, а плодовите сукцесивно созреваат од деветиот до десетиот месец во годината. Плодовите се големи од 1 до 2 cm и се јадат свежи или сушени. Од гоџи се прават сокови, сирупи, чаеви, ликери, овошни јогурти, а во кулинарството е многу често употребуван додаток, особено на салатите.

На почетокот од овој век, нивната популарност расте, кога резултатите од медицинските истражувања го потврдија нивното благотворно дејство врз здравјето на луѓето. Американските стручњаци го сметаат за овошје на векот! Во светот не постои толку силен додаток во исхраната против стареењето!

Според американската скала што ги мери антиоксидантните својства на храната (ORAC scale -Oxygen Radical Absorbance Capacity scale), гоџи е супериорно прв! Да појасниме дека, колку што е позицијата повисока на ORAC скалата, толку повеќе храната има способност да ги уништува слободните радикали, кои го нарушуваат здравјето, предизвикуваат хронични заболувања и го забрзуваат процесот на стареењето.

 

Дали Македонија изобилува со поволна клима за ваква сорта бобинки?

Растението не бара специфични услови за одгледување. Напротив сонцето е доста битен фактор, го имаме во изобилство и секако водата која ја снабдувам преку сопствени бунари. Сето останато е врзано со прихраната и заштитата на растението. Тука е клучот за успех. 

Освен Гоџи што друго одгледуваш и како би ги охрабрил луѓето да почнат ваква дејност?

Освен овоштарството во кое спаѓа Гоџито од пред една недела набавив и Јуници (Крави) од расата Холштајн. Имајќи ја предвид паузата која следи во зимскиот период и затворањето на плантажата се одлучив да инвестирам и во сточарството бидејќи Македонија во последните 5 години има стабилна млечна индустрија и доста добри услови за одгледување на храна која што е фактор број 1 за лактацијата и квалитетот на млекото кој би го произведувал. Препорака до сите оние кои што би сакале да се занимаваат со земјоделие и сточарство е дека има иднина, има многу можности во овие индустрии и култури. Она што треба секој да расчисти пред да влезе во овој бизнис е дали навистина го сака земјоделието, дали е спремен да не биде во удобна фотеља додека надвор е +40 а во зима -20, дали е одлучен да издржи кога ќе биде најтешко додека се поставуваат работите и дали е спремен во првите години да го стави својот приватен живот на исто ниво со својот професионален живот па дури и малку повеќе да се посвети на вториот. Сето останато е добро планирање и реализација како и во секоја професија и упорност да сето она што е визија еден ден стане реалност.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија