Наслов

Фауната на Шар Планина

Фауната на Шар Планина не е така добро истражена како флората и покрај исклучителните вредности што ги поседува.

Carabus intricatus / Cerambyx cerdo / Dorcadion ljubetense Maculinea arion / Morimus funereus / Parnassius apollo

Без'рбетници

Фауната на дневните пеперутки е претставена со 167 видови што претставува 80% од фауната на дневните пеперутки на Македонија. На Шар Планина не се среќаваат ендемични дневни пеперутки. Повеќе ретки видови пеперутки се значајни од аспект на зачувување на биолошката разновидност: Pyrgus andromedae, Euphydryas maturna, Erebia gorge, Erebia alberganus, Erebia rhodopensis, Erebia pandrose, Plebeius (Vacciniina) optilete, Plebeius (Agriades) pyrenaica, Maculinea arion, Zerynthia polyxena. 

Тркачите (Carabidae) се претставници на најбројната група организми – тврдокрилците (Coleoptera). На Шар Планина се познати околу 140 видови тркачи. Според бројот на видови, Шар Планина е една од најбогатите планини со тркачи во Македонија, додека според бројот на ендемити и реликти, Шар Планина спаѓа во најзначајните планини на Балканскиот Полуостров заедно со Проклетије, Пирин и Рила.
Скакулците на Шар Планина се слабо проучувани. Досега се познати 40 видови што би било помалку од половина од реалниот број. Кај скакулците нема локални, но се познати седум субендемити (Pholidoptera aptera gjorgjevici, Oropodisma macedonica, Psorodonotus fiberi macedonicus, Metrioptera oblongicollis, Platycleis ebneri, Anterastes serbicus и Chorthippus biguttulus euhedickei).

Меѓународно значајни видови инсекти: Maculinea arion, Parnassius apollo, Euphydryas maturna, Zerynthia polyxena, Carabus intricatus (набрчкан тркач), Lucanus cervus (еленче), Cerambyx cerdo (голем дабов сечко), Morimus funereus (буков сечко), како и Dorcadion ljubetensis кој претставува балканки ендемит.
Фауната на копнените полжави на Шар Планина е застапена со 49 видови. Пет видови (Balea nordsiecki, Carinigera pellucida, Helicigona haberhaueri ljubetenensis, Orculawagneri ljubetenensis i Triloba thaumasia talevi) се шарпланински локални ендемити, а уште 11 се балкански ендемити.

Coronella austriaca / Ichthyosaura alpestris Lacerta agilis / Vipera ursinii

'Рбетници

Рибите на Шар Планина се многу малку проучувани. Засега е познато дека во планинските потоци и реки се среќаваат поточката пастрмка (Salmo trutta), црната мрена (Barbus meridionalis petenyi), и кркушката (Gobio gobio).

Фауната на водоземците (батрахофауна) на Шар Планина е исклучително богата. Се среќаваат 12 од вкупно 15 видови во Македонија и тоа: шарен дождовник (Salamandra salamandra), алпски мрморец (Ichthyosaura alpestris), голем мрморец (Triturus carnifex), мал мрморец (Lissotriton vulgaris), огнена жаба (Bombina variegata), зелена крастава жаба (Bufo viridis), обична крастава жаба (Bufo bufo), гаталинка (Hyla arborea), горска жаба (Rana dalmatina), поточна жаба (Rana graeca), планинска жаба (Rana temporaria) и езерска жаба (Pelophylax ridibundus).

Не помалку е застапена и фауната влекачите (херпетофауна) на овој масив. Регистрирани се 17 видови влекачи, што е скоро половина од вкупниот број во Македонија и тоа: Присутни се следните видови влекачи: шумска желка (Testudo graeca), ридска желка (Testudo hermanni), слепоoк (Anguis fragilis), планински гуштер (Lacerta agilis), голем зелен гуштер (Lacerta trilineata), зелен гуштер (Lacerta viridis), живороден гуштер (Zootoca vivipara), балканска гуштерица (Podarcis erhardii), ѕиден гуштер (Podarcis muralis), жолт смок (Dolichophis caspius), планински смок (Coronella austriaca), шумски или ескулапов смок (Elaphe longissimus), белоушка (Natrix natrix), рибарка (Natrix tessellata), поскок (Vipera ammodytes), шарка (Vipera berus) и степска лутица или остроглава шарка (Vipera ursinii). Остроглавата шарка е глобално загрозен вид кој се наоѓа на црвената листа за загрозени видови во Европа а кај нас го има статусот на строго заштитен вид.

Mecka -Ursus arctos / Buteo buteo - Gluvcar / Lisica -Vulpes vulpes / Balkanski ris - Lynx lynx balcanicus / Kuna belka - Martes foina / Balkanski ris - Lynx lynx balcanicus

Орнитофауната (фауната на птици) на Шар Планина е релативно скромна, имајќи ја предвид нејзината големина и богатство на станишта. Се проценува дека на Шар Планина се среќаваат најмалку 130 видови птици. Меѓу нив најбројни се гнездилките, а најинтересна е фауната на птиците на високопланинските отворени терени, поради присуство на алпски видови, како што се црвеноклуната и жолтоклуната галка (Pyrrhocorax pyrrhocorax и Pyrrhocorax graculus), карполазачот (Tichodroma muraria), алпското попче (Prunella collaris), ушестата чучулига (Eremophila alpestris) и снежната ѕвингалка (Montifringillla nivalis). Од шумските видови најинтересни се оние кои се среќаваат во иглолисните шуми, како што се лешникарката (Nucifraga caryocatactes), крстоклунот (Loxia curivrostra), дроздот огрличар (Turdus torquatis) и други. На најголемото глацијално езеро, Боговинското, при миграција се среќаваат и неколку видови патки.

Од мршојадците денес се среќава само белоглавиот орел (Gyps fulvus), кој не гнезди на Шара, туку во помал број доаѓа во летните месеци во потрага по храна. И бројот на другите грабливки е намален, па така и златниот орел (Aquila chrysaetos), се среќава со само неколку двојки. Крексот (Crex crex – загрозен вид во Европа) е еден од поинтересните видови кој се среќава во влажните ливади и во високата вегетација покрај планинските потоци.

Srna-Capreolus capreolus / Diva koza-Rupicapra rupicapra / Diva svinja-Sus scrofa / Diva macka-Felis silvestris / Volk-Canis lupus / Zlaten orel-Aquila chrysaetos

На Шар Планина се регистрирани 45 видови цицачи, од вкупно 78 во Македонија. Меѓу нив, пет се наоѓаат на светската црвена листа, од кои три се класифицирани како загрозени. Најзагрозена е балканската полјанка (Dinaromys bogdanovi), класифициран како ранлив вид, кој ги населува високопланинските камењари, додека пак балканскиот рис е најзагрозениот подвид кој се среќава во Македонија со популација проценета на помалку од 60 возрасни единки на Балканот. Јужните делови на Шара сè уште претставуваат упориште на ова критично загрозено животно. . Од големо значење за заштита се и – кафеавата мечка (Urus arctos) и дивокозата (Rupicapra rupicapra balcanica). Од копитарите, најзначајна за заштита е дивокозата (Rupicapra rupicapra balcanica).

Агробиодиверзитет

Големата разновидност на дивите видови растенија, габи и животни на Шар Планина е нејзин значаен белег. Сепак, оваа планина е позната и по разновидност на домашните животни и растенија, а специфичен белег и дава локалната раса куче – шарпланинец и овцата шарпланинка.

Шарпланинецот е овчарска раса куче со формиран инстинкт за заштита на стадата овци. За прв пат оваа раса се споменува во 30-те години на минатиот век, а во 1957 е регистрирана како шарпланинец во меѓународната кинолошка федерација (од 1939 до 1957 година се водел како илириски овчар).

ИЗВОР

22 Јули 2015

За авторот