Мапирај - Исчисти - Придонеси

Наслов

Приклучи се на најголемиот светски настан за мапирање и чистење на ѓубрето во 2018

2018 ја одбележува годината на најголемата граѓанска акција во светот - Светскиот ден на чистење. На тој ден, милиони волонтери од целиот свет ќе се здружат и ќе исчистат милиони тони ѓубре. Чистењето ќе се одржи во септември, а процесот започнува денес со мапирање на ѓубрето и дивите депонии во природата и во градовите.

Светскиот ден на чистење ќе започне на 15 септември, 2018 година, во 10 часот во Нов Зеланд. Светскиот бран чистења го следи сонцето низ 24 временски зони и завршува 36 часа подоцна на Хаваи. Милиони волонтери од 150 земји ќе се приклучат на најголемото позитивно граѓанско движење во светот во борбата против еден од најзагрижувачките проблеми во животната средина - отпадот.

Според Извештајот на UNEP за глобалниот отпад, секоја година милиони тони нелегален отпад достигаат до дивината и океаните. Иако многу организации го следат ѓубрето во различни делови на светот, предизвикот лежи во недоволното мапирање на отпадот.

БОРБА ПРОТИВ СЛЕПИЛОТО ЗА ЃУБРЕТО СО ТЕХНОЛОГИЈА

„Слепилото за ѓубрето е најголемата пречка за создавање почисти заедници", нагласи Антонио Јовановски од граѓанското здружение Гоу Грин". Луѓето живеат толку многу навикнати на ѓубрето што повеќе не го забележуваат, ниту пак неговите ефекти. Од клучно значење е да се започне со мапирање на ѓубрето што ќе му помогне на светот да ја сфати тежината на проблемот со отпадот и да се бори против ова слепило".

Мапирањето на отпадот е организирано низ целиот свет, а повеќе од 2400 луѓе ширум светот работат на прибирање и прилагодување на постоечките податоци, но следниот чекор е да се направат активности за мапирање на национално ниво со цел да се мапираат дивите депонии низ целиот свет. Апликацијата World Cleanup или други слични апликации за мапирање на ѓубре помагаат да се соберат податоците.

„Мапирањето на отпадот е првиот чекор - кога ќе знаеме каде и колку ѓубре има, можеме да почнеме да го чистиме", додава Антонио. Апликацијата World Cleanup е лесна за користење и им овозможува на сите да учествуваат во мапирањето на ѓубрето за да се лоцираат значителен дел од копнениот отпад во светот во текот на годината сѐ до Светскиот ден на чистење. Податоците собрани со апликацијата ќе помогнат да се планираат активностите за расчистување на нелегалниот отпад на Светскиот ден на чистење.

„Ние сме дел од глобалното движење и нашата задача е да го мапираме и подоцна да го исчистиме ѓубрето во Република Македонија, па оттука и да бидеме дел од најголемата граѓанска акција во светот. Со акцијата за мапирање сега и чистењето подоцна, го правиме првиот но важен чекор кон одржлив свет и почисти заедници, а со тоа и подобра и побезбедна иднина за нашите деца", заклучува Антонио.

Здружението Гоу Грин од Скопје е дел од Let's Do It! движењето иницијатор на Светскиот ден на чистење. Иницијативата повикува 150 земји да се приклучат на Светскиот ден на чистење на 15 септември 2018 година, со цел да се мобилизираат милиони луѓе во еден ден за чистење на нелегалниот отпад. Оваа акција ќе послужи на целта за започнување на брзи промени за почиста планета.

Движењето е започнато во Естонија и од 2008 година до сега се ангажираа повеќе од 20 милиони луѓе во национални кампањи за чистење и иницијативи за нула отпад, бидејќи справувањето со загадувањето од отпадот, усвојувањето одржливи системи за управување со отпадот, редизајнирањето и иновациите за максимално употребување на материјалите ќе играат значајна улога во постигнувањето на целите за одржлив развој.

Апликација за симнување:

https://play.google.com/store/apps/details?id=com.teeme.ldi&hl=en
https://itunes.apple.com/us/app/world-cleanup/id1237553057?mt=8

Како се користи World Cleanup апликацијата

Дополнителни информации:
Фејсбук настан за Македонија
www.bidizelen.org

Контакт лице: Кирил Шентевски
Организација: Здружение Гоу Грин
Позиција: Координатор за мапирање
Е-пошта: kiril@bidizelen.org

12 Јуни 2018

За авторот