„По патот на Ватот” – отворен соларен пат во Франција

Додека регионот се гуши во смогот на сопствената несвест, еден друг дел од планетата, полека го трасира патот по кој човештвото се движи. Уште еден доказ дека еко свеста е напредна фаза на генералната свест, доказ дека екологијата е религија на 21век.

На ден 24 Декември 2016 година, во француското градче Торувре o Перше (ако воопшто правилно го транскрибиравме – Tourouvre au Perche) во областа Нормандија свечено беше пуштен во употреба првиот соларен пат. Wattway или „Патот на Ватот” во некој слободен превод е изработен од компанијата Колас и има должина од 1 километар која ќе биде покрина со вкупно 2880 фотопанели.

Од компанијата очекуваат дека во тест периодот кој ќе трае 2 години, а патот од фото-волтаични панели ќе го искористат околу 2000 возила и се очекува дека истиот ќе биде во можност да произведе околу 300Mwh на годишно ниво или во превод тоа би било доволно електрична енергија за сите улични светилки во градот на годишно ниво.

Проектот е целосно финансиран од Француската влада (Министерство за животна средина) и чинел вкупно 5 милиони евра. Крититчарите на проектот велат дека патот на инженерската компанија Колас е прескап и дека енергијата која тој ќе ја произведе е 14 пати поскапа од енергијата која би се добила со користење на стандардни соларни панели кои се користат на покривите од куќите и дека истиот е крајно нефункционален и неодржлив заради аголот под кој сончевата светлина паѓа.

Инженерите на фирмата, пак, уверуваат и укажуваат на тоа дека Wattway е револуционерен пронајдок кој е во тек со современите потреби и очекувања на човештвото. Тие исто така велат дека до 2050 година потребите за енергија на светско ниво ќе се зголемат за двојно и дека фотопанелите се иднината во производството на еко енергија. Според нив цената на проектот е таква заради специјалната технологија која треба да ги издржи тежините кои ќе минуваат по неа и дека со тек на време технологијата ќе оди напред а цената ќе опаѓа.

Ова е втор пат во светот кој е опремен со соларни панели. Првиот беше отворен на велосипедска патека во Холандија во 2014 но без посериозен успех.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија