Кога загадениот воздух го претвораш во графити

Си биле една пивара, една лабораторија, еден иноватор, група артисти и бааги загадување на воздухот. Се здружиле и хоп, излегло првото мастило за пишување од ПМ честички на ѕидовите низ Хонконг. Епа на здравје чист воздух и графити бистри луѓе, па да дојдете и кај нас, имаме ние ПМ честички за извоз…

 

Прво за пиварата. Се вика Тигарско пиво.

Верува дека секој човек има тигар внатре во себе кој треба да се ослободи.
Тигарот е тој кој ќе му овозможи на светот да излезе од сопствениот кафез.
Имаат мисија да ги ослободуваат луѓето за да се активираат кон својата страст.

Следно, за лабораторијата.

Се вика Fluid Interfaces Group на MIT’s Media Lab.
Дел е oд MIT универзитетот во Масачусетс, САД. Дизајнираат и создаваат компјутрески интерфејси кои делуваат како природна екстензија на човечкиот ум, тело и однесување.

Трето, иноваторот. Се вика Анируд Шарма.

Тој е магистерски студент и асистент во истражување во истата MIT лабораторија во Индија. Човек кој едноставно не може да живее ако не иновира нови работи. Уште во раните школски години едвај присуствувал на часовите бидејќи бил презафатен со иновирања. По успешното создавање на реактивни патики за слепи луѓе кои им даваат информации за правилно движење, се заинтересирал за смогот. Во 2013 ја дефинирал идејата како да се собира загадувањето во воздухот и да се претвори во боја и мастило за цртање и пишување.

После неколкугодишно усовршување и тестирање на идеата во MIT лабораторијата, го создава спиноф проектот Graviky Labs во кој се создава додатокот за алспух со кој се собираат 95% од ПМ честичките без никакво влијание на моторот т.е. нема спротивен притисок. Собраните ПМ честички (саѓите кои содржат јаглерод) ги мешаат со алкохол и други супстанци за да го создадат Air ink мастилото, прво во светот направено со рецликлирање на загадениот воздух.

Пиварата го забележува тигарот во Graviky Labs и се случува сoработка. Спонзорираат собирање на 2500 часа издувни гасови од кои излегуваат 150 литри AirInk боја која потоа ја употребиле групата артисти за цртање графити низ цел Хонконг. Продолуваат во соработката кон создавање на мастило за компјутерските принтери.

Браво бе човеци. Вакви луѓе и соработки ни требаат и на нас во Македонија.

“Се жалиме за квалитетот на воздухот. Не е чист. Што ако имавме начин да го фатиме, исчистиме и да гo искористиме загадувањето во начини на изразување?” – Тигарско пиво