Наслов

Машала вело патека Дубровник - Мостар

До крајот на оваа година 200 километарската пруга која порано ги поврзувала Дубровник во Хрватска и Мостар во Босна ќе биде ревитализирана во велосипедска патека, отварајќи ги убавините на јужна Босна за сите велосипедски авантуристи.

Од крајбрежјето на Дубровник па низ длабоките клисури, густите шуми и при-заборавените прекраснотии се до Мостар, железничката линија која била затворена уште во 1971ва, се враќа во живот, овојпат како велосипедска патека наменета за велосипедски туризам и авантури.

Во интервју за Балкан инсајт, Ана Солдо, директор на организацијата која го спроведува проектот, накратко го објаснува:

"Целта е да се реставрира патеката која порано беше користена од железницата. Работата е веќе почната и треба да заврши до крајот на оваа година. Ке бидат исчистени сите делови од патеката, ќе се постават патокази и туристички информации и ќе се започне со вмрежување на туристички организации кои би биле заинтересирани за развој на ваквиот туризам. Две поранешни железнички станици веќе се претворени во мотели."

Проектот е почнат во 2014та под името "Низ историјата со велосипед", чини 296 илјади евра и е финансиран со помош на европските пред-пристапни фондови за зголемување на прекуграничната соработка.

Железничката линија е изградена уште во 1901ва година од тогашната Австро-Унгарија кои во тоа време владееле со Хрватска и Босна. Со линијата се поврзувале Дубровник, Требинје, Капљина и Мостар со должина од 200 км од кои 120 се во Босна.

Во тоа време многу популарниот воз со парна локомотива познат како "Ќиро" возел низ оваа рута се до затварањето во 1971ва во поранешна Југославија, кога се проценило дека линијата не била профитабилна иако пределот е познат по прекрасната природа и пејсажи слични како во Швајцарија. (Како за споредба, слични вакви железнички линии има и во Швајцарија но наместо нивно затварање, тие се пренамениле за туристички тури и се отворени и до ден денес.)

Со комплетирањето на велосипедската патека, ќе бидат поврзани и повеќе туристички предели од тој регион, како природниот резерват Хутово Блато и Пештерата Вјетреница, која е најголема во Босна и Херцеговина.

 

11 Мај 2016

За авторот