Наслов

Италијанска лекција за рурално заживување

Бидјеќи во Македонија имаме проблем со руралното заживување и одржлив развој во целата држава, добро е да ги прегледаме лекциите со кои низ Европскиот континент се справуваат токму таквите проблеми...

Селото се вика Варесе Лигуре и се наоѓа во западниот дел на северна Италија. Како и многу рурални места кои се прилично изолирани поради својата природно тешка достапност и ова село го имало проблемот со "изумирање", т.е. жителите си заминувале во потрага по подобар живот и популацијата од година во година се намалувала.

Денеска Варесе Лигуре е лекција која се изучува низ светот за тоа како се трансформира една скоро напуштена рурална заедница во живо, интересно и одржливо место за живеење. Koja е лекцијата што треба да се научи?

Во почетокот на 90тите, општината немала некаква индустрија во својата близина, недостигале работни можности за населението, објектите се повеќе се распаѓале и веќе започнале да недостасуваат основните услови за живеење. Бројот на жители веќе бил преполовен од 6000 на 2250.

Но тогашниот градоначалник, Мауризио Каранза, не се откажал од својата општина бидејќи имал визија како повторно да го заживее селото. Тоа што изгледало како слабост на општината всушност можело да постане силна страна од која целото село повторно ќе заживее.

Регионот во кој се наоѓала заедницата имал чист воздух и незагадена почва што општината ги видела како можности за нов развој. Идеата била селото да постане еколошка туристичка дестинација преку произведување на чиста, обновлива енергија и органско земјоделство.

Но за да се трансформира од скоро заборавено место во туристичка дестинација, била потребна одлична стратегија и учество на сите жители во селото. Така, уште од самиот почеток на трансформацијата, општината ги прашала своите жители, дали тие би ги поправиле и реновирале своите вековни стари куќи доколку општината инвестира во обнова на патиштата, канализацијата, водните канали, и се постави јавно осветлување? Граѓаните се согласиле, а во реновирањето на куќите добиле помош и од Европската Унија. Така граѓаните ја прифатиле визијата за реновирање и трансформирање на селото во атрактивно место за еколошки туризам.

Следното нешто што започнало во општината е Еколошкиот Едукативен Центар кој започнал со работа во 1996та, и служел за едукација на локалното население за органско земјоделство, обновлива енергија и одржливо живеење. Децата биле носени на екскурзии на органски фарми, фармерски кооперативи, и одгледување на пчели. Биле одржувани курсеви за мали ветерни турбини, соларни панели и соларни термални печки.

Практиките за органско производство постојано биле предавани на локалните земјоделци и фармери. Повеќето фармери не можеле да си дозволат хемиски ѓубрива па така тие веќе биле органски, но не биле сертифицирани. Проблемот со органската сертификација бил во немањето желба од страна на земјоделците и фармерите, бидејќи не биле запознаени со придобивките кои ги добиваат со тоа. Така општината се погрижила сите производители да станат свесни дека органските производи кои ги произведуваат можат да се продаваат по повисока цена доколку се сертифицирани, а за тоа да го направат можат да добијат помош од Европските грантови за органски фарми. Со тек на време скоро сите земјоделци и фармери станале официјални органски производители.

Во однос на чистата и обновлива енергија, на блискиот рид со надморска висина од 1100 метри биле инсталирани 4 големи ветерни турбини со кои селото произведува 3 пати повеќе струја од своите потреби во текот на годината. Вишокот енергија ја продаваат на локалната електрична мрежа. Но не се само ветерниците кои ги инсталирале за производство на струја, на крововите на општинската зграда и средното училиште во селото како и за централата за третман на отпадните води поставиле соларни панели со кои овие објекти можат да функционираат независно. Во однос на греењето во селото, активно се промовирале печките на пелети во домаќинствата, бидејќи пелетите можат да се произведуваат во селото.

Кои се придобивките од овие унапредувања?

Еколошки Туризам. После долгогодишната трансформација во која активно учествувале сите жители на општината сега селото е рангирано како едно од најдобрите мали општини во Италија според Италијанскиот туристички клуб, со потенцирање дека општината е одлично и гостопримливо место за туризам кое изобилува со својата чистота и еколошка безбедност.
Бројот на туристи се зголемил за 500% од крајот на 90тите, а многу од туристите доаѓаат за да ги видат достигнувањата во обновливите извори на енергија.

Обновлива енергија. Општината секоја година добива околу 30.000$ од локалната електрична компанија за произведената дополнителна енергија, а електричната компанија исто така се грижи за отпадот од општината како замена за произведената енергија. Преминот во користење обновлива енергија создал 140 нови локални работни места, од кои општината добива 514.000$ годишни даноци.

Органско производство. Луѓето се вратиле во селото за да се вклучат во органско производство, одгледување на пчели и производство на сирење. Денеска во селото има 108 огрански фарми кои создаваат 98% од храната во селото како што се овошја, зеленчук, печурки, мед, месо и млечни производи и сл. Целата долина каде се наоѓа селото е позната во Италија како органската долина, и уште во 1999та постанала првиот регион кој е сертифициран за еколошкиот менаџмент по ISO 14001.

Овие еколошки основи со кои местото станало познато понатаму влијаеле да се отвориле нови ресторани со органско мени а исто така селото привлекло и уметници и резбари на дрво кои се преселиле во мирното и чисто место како одлично место за творење.

Варесе Лигуре е заедница која ја создала лекцијата за рурален живот во 21от век која се изучува низ цела Европа, "единствениот начин да се избегне изумирање на селото е да се зачува чистата животна средина и да се рехабилитира земјоделството во селото".

Оваа лекција и тоа како ни е потребна кај нас, наместо рударски лудории на места кои веќе стануваат еколошки одржливи...

19 Јули 2017

За авторот