Како до живеење во чиста урбана средина

Почнувајќи од 18ти Јануари (понеделник), сите заинтересирани за живеење во чиста урбана средина имаат бесплатна можност да се фатат на пет-неделно оро со науката за трансформирање на градовите во еколошки чисти животни средини.

Коловоџата на орото е Лунд универзитетот од Шведска со 4 инструктори кои во петнеделното разигрување со најсвежите зелени информации ќе ве научат за мулти димензионални и радикални промени со кои урбаниот развој се насочува кон амбициозна еко одржливост што е по теркот на климатските цели и чистотата.

Курсот се вика „Зазеленување на економијата – Одржливи Градови”, тема што е полн погодок за лечење од досегашните урбани лудории што доведуваат до еколошка и општо-здравствена катастрофа. 

ЛИНК ЗА КУРСОТ

Почнувајќи од 18ти (следниот понеделник), ќе бидат поврзани клучните трендови во урбанизацијата, декарбонизацијата и одржливоста за поимот град. Ќе се прегледаат визиите, експериментите и иновациите во многу урбани места. Ќе се разгледаат праткики (што се случува во градовите во сегашноста) и можностите (кои се можностите за градовите кои се движат кон иднината). 

Сите кои ќе се вклучат во следење на наставата ќе добијат знаење за клучни примери и активности за промовирање на одржливите градови од Скандинавија, од Европа и од целиот свет. Ќе имате можност да проследите тековни истражувачки проекти како и кратки филмови и репортажи од: 

  • WWF 
  • The economist intelligence unit
  • ICLEI – Local governments for sustainability 
  • UN-Habitat 
  • C40 Climate Leadership Group
  • Arup 
  • Sustania 
  • The Rockefeller Foundation 

Освен познавање на англиски, не е потребно некое дополнително знаење само желба за нови, здрави информации. Сè на сè, ова е одлична можност за секој загрижен за состојбата и иднината на својот град да се здобие со најсвежите информации од целиот свет во создавање на здрави квалитетни средини за живеење.

А потоа, ти ќе бидеш лицето со сијаличката иновативност, кое може да ги поврзе точките: сегашна состојба > здрава и одржлива состојба. 

Фаќај се на оро, не туку седи, доста беше тешкото!