Наслов

Еколошка акција на Матка организирана од МАФ

Овој викенд на Матка од страна на македонската алпинистичка федерација беше спроведена еколошка акција за чистење на ѓубре во делот околу манастирот Св. Никола Шишевски. Ја поздравуваме акцијата и поттикнуваме што поголемо учество во организирани или самостојно акции на граѓаните, едукација и подигнување на еколошката свест за зачувување на природата.   

Во последно време секој што оди на Матка забележува дека состојбата со ѓубрето кое се среќава на патеката од езерото до манастирот Св.Никола Шишевски е алармантна. Во име на тоа почнавме една акција за чистење, која иако беше успешна од аспект на она што планиравме и можевме - наполнивме 12 вреќи од 120 литри со ѓубре, сепак генерално поразителна зашто таму има многу повеќе ѓубре. Има мини депонија. И грмушките се преполни од свлечено и разнесено ѓубре.

Потребна е многу посериозна акција со алат и повеќе волонтери за да се добие впечаток дека е чисто. А за да биде сосем чисто ... Секако, ова не е се. Собирањето е веројатно најлесниот дел. Потешкиот дел е да се сопре неконторлираното фрлање и оставање ѓубре во кругот и околу манастирот, и за ова ќе треба многу повеќе време и сила.

Како федерација која е секој викенд присутна горе, планираме неколку мерки кои можеби ќе помогнат околу ова прашање, и искрено се надеваме на подршка од сите луѓе кои ја сакаат Матка, и кои често се во кругот на карпите и манастирот како планинари, алпинисти, качувачи, велосипедисти...

Покрај пластиките, лименките, шишињата, конзервите кесите, амбалажа од храна, најдовме старо радио, филџани, метална скара, голем тенџере, метални тањири, тепсија, црево за туш, голем метален и доста стар крст (кој како симболично да покажуваше погребана еко-свест во овој округ, а многу веројатно и пошироко во Мк), азбестни ќерамиди, и многу ќеси преполни со спакувано ѓубре, кое веројатно е ѓубре оставено од луѓето кои доаѓаат тука горе да уживаат во природата, и после уредно се собираат во ќеса, која ја оставаат горе, најчесто на несоодветно место или по пат накај езерото ја фрлаат во грмушките.

Наскоро пообемна акција за чистење.

Напомена - крстот е вратен во манастирот. 

Извор - МАФ

03 Декември 2018

За авторот