Фитнес на две тркала
Почитувајќи го вашиот велосипед како подвижна вежбална, теретана, терапевска ординација или транспорно средство, Вие почитувани, сериозно сте загазиле во решавањето на важните животни прашања, а тоа се добро здравје искомбинирано со добри психофизички перфоманси.
Велосипедизмот е спорт и рекреација со најмалку контраиндикации како по возраст така и по телесна и здравствена состојба. Прилагодувањето на телесните капацитети со поставените задачи и изборот на теренот или околината се според вашите желби.
Во вашата подвижна фитнес сала можете да реализирате редица на вежби со најразличен интензитет во зависност од вашата спремност, состојба и расположение.
Велосипедот е убедливо најдобрата и најефикасна кардио вежбална, со препорака за избор на терени со еколошки карактеристики. Добра кардиоваскуларна кондиција е услов за целокупното телесно здравје. Со редовно возење велосипед, можете да го намалите и да го нормализирате крвниот притисок.
Редовната доза на возење е одличен начин за согорување на вишокот на масти, се разбира, ако ја знаете и ја почитувате филозофијата на внесени наспрема потрошени калории. Ако дневно возите по 30 минути, а внесувате 500 калории помалку на дневното мени, тогаш за 7 дена ќе изгубите 500 грама масти. Мала математика и сè ќе ви биде јасно.
Покачените вредности на холестеролот едноставно ќе ги заборавите, а правилно дозираното возење велосипед исто така, до одредени граници го регулира и шеќерот во крвта.
Велосипедот, убедливо е најдобра теретана за обликување на долните екстремитети, бедрата, задникот и долната половина на грбот. Најголем бенефит има најголемиот мускул на задникот (musculus gluteus maximus). Стомачната мускулатура е секогаш во блага напната состојба. Слабинските мускули се секогаш во тонус.
Она што е најповолно е фактот што ‘рбетниот столб не е оптеретен со телесната тежина и е во блага истегната состојба, и те како потребна после долгите пасивни неприродни положби. Сите активности на колените зглобови се без тешките оптеретувања од телесната маса така што велосипедизмот е и препорака за сите оние кои ја имаат повеќе од дозволеното.
Редовнотo возење е одличен суплемент на мозочните функции, особено кај повозрасните особи. Со лачење на хормонот за расположение – ендорфинот, дополнително ќе ја намалите напнатоста и стресот, а ако ве мачи мигрената еве ви го лекот без рецепт.
Сексуалниот апетит ќе го почувствуваат тие што треба да го почувствуваат.
Велосипедизмот е совршена рекреација за сите возрасти, но и совршен лек ако редовно се консумира.