Витамин К за здрави коски

За полесно да ги запамтиме главните функции на витаминот К, во средно и на факултет нè учеа да го памтиме витаминот К за коагулација. Сега тоа К, може слободно да ве асоцира не само на коагулација, туку и на здрав и прав колк.

Низа на студии демонстрирале дека витаминот К е исклучително важен за градењето на коските. Ниските нивоа на циркулирачки витамин К се поврзани со низок дензитет на коските, а додатна суплементација со овој витамин дава подобрување во биохемиските премерки за здравјето на коските.

Извештај од една студија покажува дека жените кои примаат најмалку 110 микрограми витамин К на ден имаат 30 проценти помалку шанси да скршат колк од оние кои го примаат овој витамин помалку од оваа доза.

Еве и друга посликовита споредба од истата студија. Оние жени кои јаделе една порција зелена салата или било кој друг темнозелен листест зеленчук имале дупло помалку шанси да ја заработат оваа фрактура од оние што јаделе само една ваква порција неделно.

Со редовната консумација на темнозелените листести растенија, кои содржат добра доза на витамин К, се избегнува можноста од дефицит на овој витамин и можноста како од проблеми со коагулацијата, така и со проблемите околу здравјето на нашата арматура.

Колку и од каде?

Здравствените институти низ светот препорачуваат дневна доза од 120 микрограми на витамин К за мажи и 90 за жени за еден ден.

Бројките често не завршуваат работа, па затоа запаметете дека редовното консумирање на магдонос , кељ, прокељ, зелка, зелена салата, спанаќ треба да ве стави во зоната на препорачаната дневна доза.