За пријатен џогинг на студено

Вашето уживање во трчањето и во студено време никогаш нема да го ставите во прашање ако бидете соодветно облечени, а соломонско решение за оваа студена непријатност е едноставното слоевито облекување или облекување на повеќе тенки слоеви.

Заробениот топол воздух произведен од нашето загреано тело помеѓу слоевите е одличен изолатор. Основната и најпрепорачана варијанта за нашето торзо е квалитетна функционална маица со долги ракави, а преку неа друга маица со куси ракави.

Понатаму се зголемуваат слоевите во зависност од екстремноста на температурите и се разбира личното искуство и тежината на планираниот тренинг или рекреација. Третиот слој најчесто се тенки јакни, ветровки или шушкавци. Вака стокмени ќе се чувствуваме топло, покомотно и нормално ќе го одржиме правилниот начин на трчање.

 

Сè почесто се употребуваат таканречените функционални спортски маици и хеланки кои имаат свое оправдување. Тие се произведуваат од синтетички материјали, најчесто полиестер, кои се одлична заштита од ветер и дожд, а специфичниот начин на ткаење ја пренесува потта од кожата кон надвор така да кожата е секогаш сува.

Компресивниот тип на маици и хеланки дополнително го затегаат телото, така да освен функционалните карактеристики дополнително ги намалуваат непотребните мускулни осцилации и ја подобруваат венската дренажа.

Долните екстремитети како најактивни во трчањето никогаш не се проблематични во зимските активности. Сепак, хеланките во конкуренција со било кои бренд на тренерки секако се прав избор за џогинг во било какви временски услови се разбира прилагодени со нивната должина. Секој тип на квалитетни хеланки имаат во меѓуножјето дополнително мек додаток како заштита од непријатните дејствија на потта во комбинација со движењата.

Неопходен арткл во зимските трчања се ветровките. Сите тие најчесто се произведуваат од синтетски материјали како полиестер, најлон, микрофибер, GoreTex и др. Основен критериум на сите џогинг јакни е да бидат лесни , со капуљача, стокмени со системи за вентилација (овозможена од самиот матерјал или со расцепи на типични места) да имаат рефлектирачки обележја за ноќни тркачки авантури итн. Препорака за изборот е секако и соодветна големина – ниту голема ниту мала.

За добар кеиф, секако, добро избрани ракавици се неопходност. Колку за информација 30% од телесната температура за време на трчање во студени услови се губи преку рацете и стопалата.

Затоа, добар чорап пари вреди. Добра капа чува глава. Во зимски услови препорачани се теренски патики (trail), отпорни на вода и лизгање.

На крај поклонете се на приказните за памучните маици за кои сметам дека одамна сте расчистиле. Тие силно ја упиваат потта и стануваат тешки и мокри и се силна подлога за настинки и непријатно чувство најмногу во слабинскиот и крсниот дел. Употребата на памучните маици како природен матерјал кој не дава алергиски реакции во случајов е минорна.

Секако, најголемо задоволство е да облечете памучна маица на суво тело после исцрпниот и мераклиски џогинг.