За виното и здравјето зборуваме

Медицината ги препознава лековитите и хранливите карактеристики на виното веќе илјадници години. Неодамнешни археолошки истражувања покажуваат дека виното било употребувано како лек уште од 3,150 п.н.е. Па кој вели дека по тренинг не оди да го завршиме денот со една чаша сортно вино сигурно греши. 

Околу 450 п.н.е. Хипократ, најпознатиот антички лекар, препорачувал одредени вина како лек за треска, како диуретик, како хранливи додатоци, за дезинфекција и лекување на рани.

Повеќето патогени кои претставуваат закана за луѓето се спречуваат и уништуваат со киселините и алкохолот во виното. Поради ова, виното се сметало за посигурен пијалок од водата која била достапна до 18. век.

Виното е природно средство за смирување кое служи и за намалување на анксиозност и тензија. Како дел од нормална исхрана, виното му овозможува енергија на телото преку состојки кои помагаат и за варење, како и мали количини на минерали и витамини.

Умерена консумација на црвено вино на регуларна база може да биде превентивна мерка за срцеви заболувања и некои форми на рак. Хемиските составни делови кои се одговорни за тоа се поврзани со танините. Се верува дека тие функционираат како антиоксиданти, кои ги спречуваат молекулите познати како “слободни радикали” кои предизвикуваат оштетување на клетките.

Состојката која е одговорна за неутрализирање на неповолностите од исхраната се вика ресвератрол, особено присутна кај црвеното вино.

Ресвератролот се создава во кожичката на грозјето како одбранбен механизам заради нападот на мувлата. Го има главно повеќе во црвеното отколку во белото вино. Ресвератролот има силно антиоксидирачко дејствување и го подобрува имуниот систем.

Научниците утврдиле дека таа состојка во организмот ги активира протеините кои се најефикасни во борбата против кардиоваскуларните болести, дијабетесот од типот 2, ракот на белите дробови и на дебелото црево.

На ресвератролот му се припишува и едно друго својство, а тоа популарно би се нарекло како “еликсир на младоста“. Со експерименти е докажано дека оваа состојка на виното им го продолжува животот на црвите и на овошните мушички за 30%, а на некои квасци и риби за 60%.

Преку 400 студии низ целиот свет укажуваат дека повеќето здрави луѓе кои пијат вино регуларно и умерено, живеат подолго. Затоа, уживајте во виното одговорно и почувствувајте ги неговите благодети.