Спортскиот туризам основа за квалитетен бизнис

Ски центар Кожуф преку стратешкиот партнер Универзитетот за туризам и менаџмент со посебен третман од Светската Туристичка организација на Обединетите Нации.

УТМС е носител на проектот на придружните членки на UNWTO за Спортски и адреналин туризам, а токму утврдувањето на идните активности во врска со овој прототип беа главна тема на работниот состанок на делегацијата на УТМС со директорката на придружните членки Јоланда Пердомо, одржан на штандот на UNWTO на Саемот за туризам во Мадрид. Станува збор за проект со кој треба да биде подигната свеста за важноста на еден од најбрзо растечките сегменти од туризмот, спортскиот, кој е голем потенцијал кон посочување на одредена дестинација. Целта е да се дизајнира прототип на Спортски туризам во кој ќе бидат вклучени науката, компании, Владата и локалните власти, со што би се постигнале позитивни економски и социјални ефекти. На тој начин, одредена дестинација би била позиционирана на глобалната туристичка мапа.

На предлог на УТМС, дестинација за прототипот ќе биде скијачкиот центар Кожуф, Република Македонија. Во програмата за работа на придружните членки на UNWTO е предвидено активностите во врска со проектот Кожуф да започнат во јуни годинава, а ќе трае до крајот на 2014-та година. Во таа насока, Ректорот Миленковски и госпоѓа Пердомо ги договараа првичните активности. Договорено е кон крајот на февруари Јоланда Пердомо да допатува во Македонија, при што, ќе го посети Ски ресортот Кожуф, а ќе биде гостин и на УТМС. На крајот од проектот, во 2014-та година, е предвидено во Скопје да биде одржан семинар на кој ќе биде презентиран прототипот за Спортски туризам. Во меѓувреме, УТМС како носител на проектот, ќе соработува со другите сродни програми на UNWTO. Инаку, на состанокот на делегацијата на УТМС со Јоланда Пердомо, беше разговарано и за интензивирање на соработката со други врвни универзитети, кои се дел од придружните членки на UNWTO.