Или кацига или нема пари од осигурување

Полека но сигурно скијачките кациги стануваат облигаторни доколку сакате да бидете покриени под осигурителната полиса за време на скијачките задоволства. Сепак не треба оваа информација да биде клучна за донесување на одлука за носење на кацига, глупо е да не носиш, од сите аспекти.

Познатата британска осигурителна компанија Essential Travel е првата компанија која го усвоила ваквиот начин на осигурување. Според нивните полиси кои ве заштитуваат од незгодите за време на скијање, доколку се докаже дека скијачот не носел кацига за време на незгодата полисата станува невалидна, а клиентот ќе си остане без покривање на никакви трошоци.

Инаку, во Англија по скијачката несреќа во која го загуби животот актерката Наташа Ричардсон во 2009 година, се покрена кампања со мотото “Use Your Head” која алудира на носењето на кациги при скијањето како клучен елемент за заштита од тешки повреди. Кампањата резултираше со зголемување на свесноста помеѓу скијачката популација за носењето на кацига и според последното истражување околу 77 % од испитаниците потврдиле дека носат кацига на ски патеките.

Немаме информации дали некоја од нашите македонски осигурителни компании ја имаат оваа ставка во нивните полиси, но сепак, ниту тие, ниту никакви кампањи не треба да не натераат да носиме кациги, бидејќи самите ние треба свесно да пристапиме кон самозаштита за време на овој опасен зимски спорт.