Мотивациона статија за размрдување

Ова е само мал обид да Ве мотивираме веќе еднаш засекогаш да ја завртите таа проклета страница во вашиот живот кога е во прашање спортувањето и здравиот начин на живот и во новава година да направите нешто добро за вашето тело и здравје. А сите оние кои веќе нешто од ова практикуваат или им е секојдневие само ќе ги охрабриме и отпоздравиме..

Кампувајте
Одвојте некој викенд за кампување во природа. Не е битно каде, дали во шума, покрај река, на планина или на плажа, спојот со природата (а воедно и дисконектирањето од градот) ќе ви дојде како мелем на душата. Големи количини на чист воздух, слушање на тишина, зезање покрај оган па и вртење на некоја скара со пријателите дефинитивно ќе ви ги наполнат и така редовно исцрпените батерии.

Одете на планина
Зимата како попречувачки фактор за планинарење може многу едноставно да се реши. Ако не сте доволно физички подготвени и опремени, планината во зима од оправдани технички причини можете да ја изоставите (ќе ви раскажуваат тие што биле па вас ќе ви течат лиги, но нејсе, што е тука е). Но, навистина е глупо да не искачите некој врв и во наредните три годишни времиња. Е, тогаш нема кој да ве спречи. Мотивирајте се, спремете некој сендвич, облечете се добро и преспијте во некој планинарски дом, а можеби и на некој врв. Перфектно!

Одберете некој нов спорт
Не иде секој ден да се јаде грав нели. Направете промена во активностите што ги рекреирате преку неделата. Почнете со некој нов спорт како сквош, пливање, јога, извозете некоја планинска патека со велосипед или било која друга активност, но само бидете задоволни и среќни со тоа што го спортувате.

Авантура, авантура, авантура
Кој како си го сфаќа терминот одмор, но дремењето по плажи и пиење на пиво по цел ден некогаш знае да биде и досадно. Направете си некој мал трип од вашиот одмор. Прошетајте низ некои села, езера, научете да скијате, јавајте на коњ, возете велосипед кај ќе стигнете, веслајте кајчиња и фркнете некој денар повеќе за параглајдер ако ви е по ќеиф. Сето ова ќе ве направи поживи!

Се надевам дека дел од овие препораки ќе ви влезат бар и потсвесно во вашиот ум и ќе се манифестираат во далеку посреќна и поубава година. Така и Вие самите ќе станете попродуктивни и позадоволни.