Пушачки контра-каротени

Ова не е една од оние статии кои ќе ви ги потенцираат негативните ефекти на пушењето! Тие се сигурно добро познати на пушачката и непушачката фела. Но додека пушачите, голтајќи витамински таблети мислат дека си го подобруваат здравјето, можеби го прават токму спротивното.

Бета-каротените се група на соединенија присутни во растителните продукти кои имаат портокалово – жолта или црвена нијанса. Во организмот тие делуваат како провитамини, претворајќи се во функционален витамин А кој е важен во многу елементи од човековиот организам.

Бидејќи бета-каротените се важни антиоксиданси во организмот не постои причина зошто не би ги внесувале секојдневно. Тие помагаат во ловењето на слободните радикали и заштитувањето на клетките, а со тоа учествуваат во превенцијата на различни видови на рак.

Но, особено пушачите треба да се подзамислат доколку дневната доза на бета-каротени ја добиваат на полесниот начин односно преку мултивитамински суплементи.

Имено, две опширни студии во Финска и САД кои опфатиле голема група на сегашни и поранешни пушачи како и лица професионално изложени на азбест (докажан канцероген кој предизвикува рак на белите дробови) покажале дека испитаниците кои ја примале дневната доза на бета-каротени преку суплементи имале поголеми шанси за добивање на рак на белите дробови отколку групата која примала плацебо.

Во Финска испитаниците кои примале бета-каротенски суплементи имале 18%, а во САД дури 28% поголеми шанси за добивање на рак на белите дробови.

Од друга страна пак, непушачите кои ги примале овие суплементи немале ниту позитивен ниту негативен ефект во врска со ракот на белите дробови.

Спротивно на ова, не е докажан негативен ефект на природните бета-каротени од растителните продукти во исхраната, туку напротив овој вид на природни провитамини се безбедни и помагаат во спречување на несаканите последици кај целата популација.

Затоа дневните потреби на витамините е секогаш подобро да ги внесувате на стариот добар начин, преку зеленчукот и овошјето. Особено ако сте закачени на тутунскиот чад.