Спорт за вашето дете

Покрај слободната игра која е многу важна за вашите малечки, спортот допринесува многу за нивниот правилен физички, психички, емоционален и социјален развој. Така се развива нивната независност и основните моторни движења, а континуирано се стимулира и растот.

Секое дете се раѓа со сопствени карактеристики и склоности кои може да се забележат уште од најрана возраст. Тестот за рано откривање на спортскиот потенцијал кај вашето дете не одзема многу време и забавен е како игра. Доколку сметате дека вашето дете треба професионално да се занимава со некој спорт, тогаш овие тестови задолжително се препорачуваат со цел да не се изгуби драгоцено време.

Во останатите случаи, подобро овозможете му на вашето дете што повеќе слободна игра и следете го внимателно (иако тоа знае да биде исцрпувачки) за полесно да го насочите на соодветниот спорт или активност како хоби.

Рекет спортовите како тенис, бадминтон и пинг-понг кај вашето дете развиваат агилност и брзи реакции. Редовните тренинзи ја подобруваат координацијата и работата на респираторниот систем. Овие спортови се полезни и кај деца кои страдаат од остеохондроза. Но, не се препорачуваат кај децата кои имаат нестабилност на вратните пршлени и доколку детето страда од кратковидост или од рамни стапала.

Фудбалот, кошарката, одбојката и ракометот се одлични спортови за деца кои сакаат да соработуваат во тим. Со нив, многу добро се развиваат мускулите на нозете, рацете и карлицата, се подобруваат моторните движења, работата на респираторниот и кардиоваскуларниот систем како и координацијата на движењата. Одбојката конкретно, помага во подобрување на брзата реакција, агилноста и растот на детето. Во некои случаи овие спортови се препорачуваат и кај деца со дијабетес. Не се препорачуваат во случаи со нестабилност на вратните пршлени или за деца кои страдаат од астма.

Пливањето е најдобар начин да се зголеми отпорноста на детскиот организам. Со пливањето кај децата се подобрува циркулацијата, се зајакнува нервниот систем, а редовните тренинзи допринесуваат за правилно формирање на мускулно-скелетниот систем на детето. Исто така, пливањето ја подобрува функцијата на белите дробови, а се препорачува кај деца кои страдаат од сколиоза, дијабетес и проблеми со тежината. Пливањето не се препорачува доколку детето има отворени рани, болести на очите или на кожата.

Зимските спортови, покрај чистиот воздух на планина, се исто така многу корисни за децата. Скијањето и сноубордингот придонесуваат за развој на моторниот систем и го подобруваат респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Зимските спортови ја зголемуваат издржливоста, а експертите ги препорачуваат кај деца со сколиоза, остеохондроза и болести поврзани со размена на материите во организмот. Не се препорачуваат за деца со заболувања на белите дробови, астма и кратковидост.

Гимнастиката со сите свои подкатегории е многу корисна за децата, бидејќи ја развива нивната флексибилност и еластичност, ја подобрува координацијата на движењата и придонесува за обликување на убава фигура на телото. Но, не се препорачува за деца кои страдаат од сколиоза, кратковидост и заболувања на кардиоваскуларниот систем.

Јавањето е убав спорт за децата доколку има соодветни услови. Тоа допринесува за развој на грбните мускули и колковите, иако нема големо физичко оптоварување. Јавањето се користи како пропратно лекување на многу детски ментални нарушувања како и при детска церебрална парализа. Исто така, самото дружење со животните кај детето ќе вроди пријатни емоции и развиена свест за останатите живи суштества.

Боречките вештини имаат одлично влијание врз целиот детски организам. Покрај правилниот физички развој, се подобруваат и нивните ментални и социјални способности како способноста за учење, дисциплината, зацртување на цели, самодовербата, смиреноста и почитта кон себе и кон другите луѓе.

Јогата иако не е спорт, одлично се вклопува во развојниот процес на децата. Таа придонесува за подобра конекција на умот со телото, охрабрува здрав и активен стил на живот и поддржува мирољубив однос кон животот и живиот свет околу нас. Децата кои практикуваат јога ја гледаат убавината во себе и во другите, се чувствуваат добро во својата кожа, еластични се, урамнотежени и релаксирани што се големи предуслови за понатамошниот здрав развој на телото, умот и духот.

Која возраст е најдобра за детето да почне да се занимава со спорт?

И покрај предвидените старосни граници за да се почне со одреден спорт, најдобро е со детето да имате индивидуален пристап. Исто така, добро е да се консултирате со доктор и/или професионален тренер пред да го пуштите детето да тренира.

За девојчињата генерално, најпогодно време да се запишат на гимнастика е околу шестата година, додека пак за момчињата е околу седмата.

На седум години, организмот на детето е подготвен за активности како пливање, тенис и пинг-понг.

Децата на осум-девет години се подготвени да започнат да тренираат кошарка, фудбал, скијање и да имаат обука за спортска ориентација.

На девет години детето веќе може да се занимава со одбојка, хокеј, ватерполо, ракомет, едрење и уметничко лизгање.

Децата на десет годишна возраст веќе може да се занимаваат со атлетика, бокс, јавање, веслање, мечување и велосипедизам.

За децата над десет години веќе е погодно да се почне со боречките вештини како џудо, кикбокс и карате.

Со јогата никогаш не е ни прерано ни предоцна да се почне, така што оваа активност и духовна практика може да дојде како примарна или споредна светла точка во животот на детето.

Според Светската Здравствена Организација, постојат се повеќе докази за поврзаноста на физичката активност со понатамошните когнитивни и академски достигнувања.

Сепак, вашето дете е главниот актер во својот живот и секогаш треба да има право на избор и свое мислење кога станува збор за животниот стил. Вие треба само да му ги отворите патиштата и погледите кон светот.