Охрид Трчат и на дожд!!

На 31 мај, 1 и 2 јуни со рекорден број на учесници и нов концепт низ улиците на Охрид се одржа aтлетската манифестација Охрид трчаТ. Дождот не ги поколеба учесниците да истрчаат а не ја расипа ниту забавата која и овој пат не изостана од најголемиот спортски настан во Охрид за 2019 година.

На првото место од пиедесталот во машка конкуренција на 10-километарската трка се искачи нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски, додека помеѓу женските најдобра беше српската претставничка Теодора Симовиќ. Ивановски со нов рекорд на патеката (31:55) ја забележа втората победа на Охрид трчаТ, додека Симовиќ дебито го заокружи со победа и рекорд (37:56).

Трета година по ред втората позиција во машка конкуренција ја зазеде Милош Ранчиќ кој имаше време (34:17), додека третопласиран финишираше Муџахит Мислимоски со (34:41). Во женска конкуренција двократната шампионка Адријана Поп Арсова се закити со сребреното одличје со време (39:10), а бронзата и припадна на Бугарката Билсерин Сулејман (40:41).

Во рекреативната трка на 5 километри најбрзи беа Кристијан Стојани со време (18:33) односно Елена Даниловска со време (24:17). Во машка конкуренција на тим билдинг трките на 10 и 5 километри победници се Делта односно Ласовски Дентал, додека во женска конкуренција на 10 километри најбрзо беа членовите од Најк Ран клуб, а на пет првa финишираше екипата од Лица со ретки болести.

Главниот настан на 2 јуни беше емитуван во живо, во склоп на Охрид трчаТ се одржаа Детска, Училишна и Ноќна трка, панел дискусија со директорите од маратонот во Скопје и полумаратоните во Дубровник, Мостар и Бања Лука.

Организаторите позитивните впечатоци ќе ги преточат во нов предизвик односно полумаратон кој следната година ќе се одржи на 7 јуни. Заокружете го овој датум и се гледаме во Охрид!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија