„Нејзината приказна” пишува историја

На 19.02.2018 во киното Култура пред преполна сала се одржа премиерно прикажување на проектот “This is Herstory” – „Нејзината приказна”.

Премиерата опфати прикажување на четири кратки филмски дела (од првиот серијал) во режија на Игор Христов и Илина Арсова каде накратко е претставен животот проткаен со омилените спортови во природа на четири активни жени од Балканот – Илина Арсова, Ута Ибраими, Аргиро Папатанасиу и Александра Тоткова. 

Животните инспиративни приказни на протагонистките опфатени во овие одлично изработени кратки дела треба да претставуваат мотивација за идните генерации на млади девојки за тие похрабро и искрено да започнат со практикување во најразличните спортови во природа и следење на нивните соништа.

Целта на серијалот воедно е и да се прикаже нееднаквата полова дистрибуција на жените во планинските спортови кои се застапени со само 10% (па дури и помалку) од бројката на мажи во овие спортови. 

„Проектот цели кон промоција на родовата еднаквост преку спортот, посебно во земјите во развој. Сакаме да креираме повеќе модели, примери мотивирајќи ги следните генераци на млади и девојки кон спортовите, преку инспиративни приказни кои раскажуваат за страст, посветеност, страв, љубов и среќа.” – додава Илина.

Паралелно беше поставена и изложба со дела од ликовното творештво на Илина Арсова која секогаш црпи инспирација од природата и екологијата. Со купените дела се поддржа експедицијата Винсон на Антарктик која Илина планира да ја направи оваа есен.

Дополнителни информации за проектот може да најдете на официјалната страна.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија