Чекор преку – Духот од Патишка

Почетокот на овој текст требаше сосема поинаку да изгледа, меѓутоа минатата недела качивме нешто што ќе остане длабоко врежано во нас – сигрно барем во мојата глава. Денот почна рано, со ентузијазам на средношколец за прв школски час, прва смена. Едвај се довлечкав со Партизанот до кај Владо, тој пак, едвај ги смири двете болни мали деца. Релативно касно тргнавме накај селото Патишка Река.

Тргнавме со намера да видиме во каква состојба е големиот мраз, кој се забележува дури и пред селото. Мистичен водопад кој претставува алпинистичка цел на многу генерации алпинисти. Не сакавме да се убедуваме дека ќе го качиме, бидејќи во многу навратаи сме се враќале разочарани. Најчесто не е целосно формиран, или има сериозна лавинска опасност, или пак, воопшто го нема – целосно се стопил од последниот пат кога бил забележан.

Уморни од сите претходни разочарувања, на плеќи си го „земавме” и „средношколскиот” ентузијазам од изутрината. Анализирајќи ги условите, потсвесно баравме објективна причина да се вратиме, дури и пред да стигнеме до подножјето. Волјата и гладта за ова искачување постојано нѐ враќаа во ритам. Во еден таков момент на внатрешна агонија, Владо влезе во дискусија со еден селанец за лавинологија и последните метаморфози на снежната покривка. Тој пак, за да биде што поуслужлив кратко одговори: „Има, има, паѓа да.”

Нејсе, после неколку анализи стигнавме и до самото подножје на мразот. Не беше докрај формран, не беше споен најкритичниот дел. Целиот водопад, и шумата над него беа лавински стабилни и безбедни. Ја ставивме опремата и првата јажева должина ја поминавме соло, до самата вертикала од мраз и карпа. Се наврзавме и јас почнав да качувам.

Почетокот од следната должина во ниту еден момент не делуваше наивно, но ниту пак невозможно. Овој цуг (јажева должина) сепак почнува со превисен мраз во должина од дваесет метри, со оскудни, но безбедни парчиња мраз за „вртење” на ледничките клинови. Во оној момент кога завршува превисот, почнува карпа прекриена со прашкаст снег. После тие пет метри микс качување, следеше прилично незгодно пречење на тенок слој мраз врз снег. Снежната подлога од снегот воопшто не помагаше со нивото на стрес со кое бевме соочени. Конечно, над маркантната, падната елка го направив првото сидриште.

Вториот цуг поминува десно од карпата низ забележителниот столб во оваа должина. Тој столб делуваше како најлогичната и најбезбедната линија. Додека поминував низ него, се откачи едно парче мраз, со големина на тањир и ме удри точно кадешто завршува шлемот. Оттаму е и крвта на моето лице, оттаму оваа насока ќе остане буквално вечно врежана во мене. Генерално, немаше останати потешкотии до следото сидриште.

Владо го водеше последниот технички деликатен цуг, без премногу мака помина преку последната вертикала и направи сидриште во шумата. Тука ја спакувавме непотребната опрема, оставивме само едно јаже од двете, надвор врз ранецот. Сметавме дека мора да се движиме брзо за да излеземе од насоката додека е ден. Па така следните 350 метри ги поминавме ненаврзани. Првите 150 од нив, низ шумата технички се лесни, се движите низ падина од 80 степени, додека вторите 200 се со нагиб од 75 до 85 степени низ карпест дел обраснат со трева. Токму бусените по овој гребен го олеснуваат излезот од насоката.

На крај, денот заврши со нова насока „Духот од Патишка”, бидејќи како дух демнееше сиве овие години и чекаше да биде качен. Конечно, ги погодивме условите кога тоа е возможно. Оценката за оваа насока е TD-,V, M5 WI5/6 – 550m.

Пишува: Илија Циривири АК Матка

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија