Највисоките врвови на секоја европска земја искачени од една девојка

Понекогаш инспирацијата нè тера да продолжиме да се бориме, а понекогаш ни го менува текот на животот.

Луѓето кои водат активен живот знаат дека инспирацијата во некои моменти знае да биде пресудна. Малку желба и инспирација можат да бидат доволни за неверојатни достигнувања и подвизи. Една таква приказна има да ни раскаже и Ема Свенсон од Шведска. Имено таа, сосема случајно, гледајќи го филмот „Еверест” решава да почне да планинари и тоа го прави прилично авантуристички и амбициозно.

Шест месеци по оваа нејзина одлука, со многу малку тренинг таа се искачува на највисокиот врв на Калифорнија – Маунт Витни (4,421м.н.в), по што решава да отпочне со еден проект кој е и тоа како вреден за споменување.

Ема Свенсон решава да се искачи на сите највисоки врвови во Европа, вкупно 49, за само една година. Ова е нешто што генерално го имаат направено многу малку луѓе и нешто што бара сериозна физичка подготовка и планирање, како и планинарско искуство. Свенсон тргнува со Елбрус 5,642 м.н.в како стартна точка, највисокиот врв во Европа за кого таа вели дека бил апсолутно исцрпувачки. Се оттаму било значително полесно и поедноставно.

На патот до својата цел таа се соочувала со низа интересни ситуации како на пример искачувањето на највисоките врвови на Белгија и Холандија кои се високи колку едно ниско брдо на кое се стигнува со кола, или пак искачувањето на највисоката точка на Косово за која постоела дилема меѓу два врва – Рудока на Шар Планина или Ѓеравица на Проклетије, за кои никој не бил сигурен кој е повисок па таа решила да се искачи на двата – иако официјално стои дека Рудока 2658м.н.в е за два метри повисока од Ѓеравица 2656 м.н.в. Ситни повреди до многу плускавци и низа раскажани и нераскажани приказни се само дела од ова патешествие што тешко се заборава.

На крајот вкупната бројка на врвови изнесувала 61 за една година а целата авантура ја чинела околу 50,000 евра.

На својот пат таа прави прекрасна фотогалерија од секој врв, вклучувајќи го и нашиот Кораб за кој и самата вели дека бил прекрасно доживување.

Погледнете го целото доживување и можеби ќе бидете инспирирани за некоја уште поголема планинарска приказна.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија