Зимски активности во Каракорум и Непал 2019

Зимските активности во високите планини на Непал и Пакистан оваа сезона се веќе во тек. К2 се уште привлекува со својата непристапност во зимски услови, Даниеле Нарди повторно е во пазувите на Нанга Парбат, а Симоне Моро е во обид за зимско на Манаслу. 

Италијанецот Даниеле Нарди заедно со Британецот Том Балард и двајца пакистански искачувачи Рахмат Улах Баиг и Карем Хајат работат на отворање на нова рута во зимски услови на Нанга Парбат. Своевремено во изминатите години, Даниеле во повеќе наврати, соло или заедно со Елизабет Револ беа во потрага по првото успешно искачување на Нанга Парбат во зима, кое завршуваше неуспешно.

Главна преокупација на италијанскиот алпинист е гребенот Мумери на Диамирската стена именуван по Aлберт Мумери, еден од пионерите во модерните алпинистички искачувања и човекот кој се смета за првиот кој планира искачување на врв над 8000 метри. Тој заедно со уште тројца британски и двајца гурка војници уште во 1895 се искачуваат на оваа карпа до 6100 м.н.в. Подоцна се префрлуваат на соседната страна Ракинот каде исчезнуваат во лавина. За илустрација на нивните пионерски чекори, првото искачување на овој врв ќе се оствари дури 58 години подоцна. 

Даниеле и Том веќе имаат поставено камп C1 на 4800, додека дел од опремата е пренесена и на висина од 5100 метри, а аклиматизацијата оди по планот. Нанга Парбат за прв пат во зимски услови беше качена во 2016 година, а минатата на истата страна се одвиваше спасувачка акција за двајцата заробени алпинисти Томек Мацкиевич и Елизабер Револ. 

Во меѓувреме, на глечерот Балторо, два тима се припремаат да започнат со овогодинешниот обид за единствениот неискачен врв над 8000 метри во зима – К2. Казакстанецот Василиј Пивцов заедно со Русинот Артем Браун ја предводат мешаната експедиција која е поради финансиски проблеми е во намален состав од првично најавеното, со само седум искачувачи од поранешните СССР простори. Тие веќе се на пат до базниот камп. 

Покрај нив, и баскискиот искачувач Алекс Чикон ги впери погледите кон К2 со тоа што тој ќе настапи со неговиот партнер Феликс Криадо и тим од Шерпаси, а се приклучуваат и Полјаците Марек Клоновски и Павел Дунај. Иако се уште нема известување по која насока ќе оди оваа група, се претпоставува дека тоа ќе биде гребенот Абруци. 

Во Непал, пак, Симоне Моро се аклиматизираше на Мера Пик за неговиот следен обид за зимско искачување на Манаслу. Според Хималајан Тајмс, тој ќе биде придружуван од Пемба Гиалје Шерпа. 51-годишниот Италијанец е првиот и единствен искачувач на четири врвови над 8000 метри во зима – Шишапангма во 2005, Макалу во 2009, Гашербрум II во 2011 и Нанга Парбат во 2016. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија