Митаноски и Грбиќ преку „Скалниот жлеб” на северната стена на Вихрен

На 30.12.2018 наврската Бојан Митаноски и Саша Грбиќ направија искачување на врвот Вихрен преку северната страна и насоката Скалниот жлеб – лева варијанта V+, 500 m. 

Насоката за прв пат е качена од бугарските алпинисти Енчо Петков, Георги Василев и Асен Беќарски во 1953 година, долга е околу 500 метри со тежина од III дo V+ UIAA. Насоката минува во еден континуиран жлеб на северната карпа на врвот Вихрен кој е испрекинат со неколку камини и превиси, а во последната третина, насоката се дели на лева и десна варијанта. Двете варијанти излегуваат на Џамџиевиот раб откаде се оди до врвот. 

Ова е прво зимско искачување на насоката од македонски алпинисти, а пред две години Митаноски заедно со Александар Кирковски се искачија на врвот преку насоката „Народна Армија”. 

Во прилог го пренесуваме краткиот извештај напишан од Бојан Митаноски за искачувањето како би можеле информациите да се искористат за следни искачувања:

”Од хижа Вихрен тргнавме во 3.00 часот по македонско време и во насока влеговме во 06.30 часот. Пристапот беше доста тежок, со пропаѓање во длабок снег, се до самото подножје на стената каде беше во одлична состојба. Во првата третина на насоката условите не беа сјајни, но беа сосем прифатливи, снегот, иако недоволно консолидиран сеак “држеше”, па брзо напредувавме. Во следните три должини кои се технички најтешки (V-V+) условите беа идеални, со квалитетен снег и наместа мраз. Најголем дел од сидриштат пронајдовме под снегот, со една или две ситуации каде градевме наши сидришта главно на чокови и френдови.

За околу 6 часа бевме до местото каде насоката се дели на десна и лева варијанта. Тука времето не затвори и помисливме дека циклонт кој се очекуваше вечерта подранил, па се решивме да излеземе по полесната лева варијанта. Таму не чекаше неконсолидиран снег на мазни положени плочи кои го направија качувањето крајно несигурно и опасно, бидејки истите се минуваат на т.н. “триење” со патики за качување, нешто што е невозможно кога се качува со дерези и бајли.

Немаше речиси никакви можности за квалитетно осигурување со по некој клин, чок или френд на секои 10-15 метра што искачуванјето го направи крајно напнато и непријатно. Тоа бараше максимална концентрација и резултираше со спор напредок. Сидришта правевме сами, не најдовме ниту едно. Излезните стотина метри иако технички лесни во тие услови се покажаа многу деликатни како за качуванје така и за ориентација во темницата поради едноличноста на теренот. Конечно некаде околу 18.30 часот по македонско време бевме на Џамџиев раб. Оттаму на врв и потоа по стандардната рута назад во хижа Вихрен.

Беше исклучително ладно со температури околу – 20 Ц. Јас од претходно бев настинат и сиот напор резултираше со нешто поголемо страдање на телото кое резултираше со смрзнатини од 2 степен на двете стапала и рацете.”

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија