Зимска Балканска Трилогија – цел филм

Пред точно една година на 25.12.2017, една мала група македонски планинари и планински тркачи, но пред се големи љубители на планината, решија да се предизвикаат себеси во обид за искачување на трите највисоки врвови на Балканот во еден здив. Една година подоцна, го имаме краткото филмче насловено „Зимска Балканска Трилогија” кое во целост го опфаќа овој подвиг. 

Александар Кирковски од ПК Македон, Игор Јовановски од ПСД Макпетрол и Димитар Тодоровски од ПК Македон беа дел од вториот обид (за првиот читај тука) за зимско последователно брзинско искачување на трите највисоки балкански врвови – Мусала 2925 мнв, Митикас 2918 мнв и Вихрен 2914 мнв. направено на 25.12.2017 година.

Воедно, екипата самостојно се транспортираше со возило помеѓу овие релации и успеа да стапне на сите три врва за вкупно време од 30:35h. Вкупното време за искачување на врвовите е 21:06h.

Иако на крајот единствено Кирковски успеа да се искачи на сите три врови, Јовановски поради замор остана на 400 висински метри под последниот врв Мусала, а Тодоровски кој беше логистика на целиот обид се искачи на Вихрен и Мусала, сепак, тимот сака на ова да се гледа како еден заеднички проект каде без колективната работа и помагање од страна на сите членови, истиот ќе беше невозможен.

Воедно, подеднакви заслуги одат и до Горан Вуќиќ кој финално го измонтира и склопи целиот снимен матерјал во одличен краток филмски запис кој можете да го погледнете слободно на интернет.

Детални информации за искачувањето

1. Митикас 2918 мнв – (22,5 km со 2300 метри денивелација) – време на искачување и спуштање 9:26h

2. Вихрен 2914 мнв – (15 km со 1230 метри денивелација) – време на искачување и спуштање 4:45h

3. Мусала 2925 мнв – (22,8 km со 1560 метри денивелација) – време на искачување и спуштање 7:35h

Вкупна должина и висинска разлика – 60km со 5000 м Д+
Вкупно време на искачување – 21:06h
Вкупно време со транспорт – 30:35h

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија