Адријана Поп Арсова – прва Македонка со маратонско време под 3 часа

Само две недели откако го подобри својот стар рекорд во маратонската дисциплина на патеката во Ајндховен, нашата најдобра маратонка овој викенд во Подгорица успеа да постави нов државен рекорд и да стане првата Mакедонка со маратонско време под 3 часа. 

На маратонот во Подгорица овој викенд кој се одржа на 28.10.2018, Адријана Поп Арсова успеа да постави ново најдобро време во дисциплината маратон. Таа успеа да ја мине патеката за време од 2:59:43 што значи нов национален рекорд и прво маратонско време под 3 часа постигнато од Македонка. 

Резултатот на Адријана ѝ го донесе и четвртото место во женската категорија зад Кенијките Рут Матебо 2:40:32, Хелен Кимутаи 2:45:11 и Србинката Слаѓана Перуновиќ 2:53:26. Во генерален пласман пак, таа заврши 16-та заедно со атлетичарот Игор Јакимовски кој беше поддршка за Адријана во целата трка. 

Поп Арсова веќе извесно време доминира во маратонската дисциплина а фантастичните резултати беа најавени на почетокот од оваа година кога на Скопскиот Маратон таа го подобри (своето) најдоброто национално време на 3:05:04, а пред само две недели на маратонот во Ајндховен таа го подобри и овој резултат финиширајќи за дури пет минути побрзо со 03:00:37. Ова значеше дека Поп Арсова е многу близу до минување на бариерата од 3 часа за македонската женска атлетика.

Кај девојките нашата земја ја претставуваше и Биљана Кираџиева која заврши како осмопласирана.

Кај мажите, каде доминираа Кенијците, Игор Јакимовски заврши на 17 позиција, Александар Кираџиев беше 20-ти, Трајче Михов заврши на 32 место, а учество зедоа и Иван Мирчевски и Виктор Толески, кои завршија на 67 односно 81 место.

Со оглед на дисциплината, трудот и напорната работа која Адријана ја покажува во изминатите години, ова време беше очекувано и целосно заслужено. 

Ова се времињата преку кои Адријана успеа да дојде до овој резултат. 

10km –  42.02.00
20km –  01.23.40
Полумаратон – 01.27.51
30km –  02.05.56
40km –  02.49.51
Финиш – 02.59.43

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија