Прес конференција за Младинските олимписки игри Буенос Аирес 2018

Во Парк Хотел&Спа денес се одржа заедничка прес конференција на Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, по повод штотуку завршените Младински олимписки игри Буенос Аирес 2018.

На самиот почеток, водачот на делегацијата, Владимир Богоевски даде краток рекапитулар на постигнатите резултати на МОИ 2018 и истакна дека уште еден квалитет на младата Олимписка делегација во Буенос Аирес беше нивната сплотеност, другарство, повеќе од коректен меѓусебен однос, фер плеј и почитување и дека сите беа пример како треба и мора достоинствено и сложно да се однесува една идна Олимписка делегација.

Директорот на АМС, Дарко Каевски истакна дека Владата на Република Македонија ќе продолжи уште позасилено, посебно преку ваучерскиот систем, но и преку буџетот на АМС да ги финансира програмите на НСФ-и, а дека посебно ќе ги наградува врвните резултати на најдобрите македонски спортисти.

Претседателот Тупурковски истакна дека успехот на Фаик Весели е дотолу позначаен бидејќи тој е единствениот каратист од ЕВРОПА на овие Младински Олимписки игри во оваа тежинска категорија и дека тоа всушност значи дека Фаик е најдобриот Европски каратист, во својата возраст, во својата категорија.

Претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски и директорот на АМС, г-дин Дарко Каевски ги поздравија сите учесници на Младинските Олимписки игри, а посебно му го честитаа бронзениот медал на Фаик Весели и на неговиот тренер Александар Кузмановски (Карате). И двајцата ја потенцираа важноста од координираната и партнерска работа на АМС и МОК и дека во консултација и соработка со Националните спортски федерации, високите спортски резултати на најдобрите македонски спортисти ќе бидат повеќе од забележителни.